1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад кој и‘ штети на Турција

19 април 2007

Во напад врз една издавачка куќа во Турција, која печатела христијанска литература, вчера беа убиени три лица, меѓу кои и еден Германец. На жртвите им биле пресечени гркланите. Уапсени се четворица осомничени, кои според медиумски извештаи го признале делото.

https://p.dw.com/p/Adru
Еден од осомничените за нападот
Еден од осомничените за нападотФотографија: AP

Напаѓачите, кои се на возраст од 19 и 20 години, дејствувале поради религиозно-националнистички мотиви, јави телевизијата СиЕнЕн на турски јазик. Весникот ”Милијет” цитира еден од осомничените за нападот кој вели: ”Ова го сторивме за татковината”. Националистите на издавачката куќа ”Зирве” и префрлаат дека вршела мисионерска дејност во градот Малатија, што во Турција не е забрането, но според националистите и исламистите мисионерството е напад врз националното единство на Турција која 99% е муслиманска земја.

Нападот во Малатија ги шокираше Турците. Шефот на турската дипломатија, Абдула Ѓул, денеска изјави дека нападот и штети на угледот на земјата во странство и дека е насочен против внатрешниот мир, традицијата на толеранција и стабилноста на земјата. Претставниците на другите христијански медиуми во Турција се шокирани. Мустафа Ефе, сопственик на христијанската радио-група ”Мујде ФМ” во Истанбул, вели: ”Бруталните напади врз христијаните ќе предизвикаат реакции против Турција во светот. Сметаме дека насилничките дела се случуваат поради престојните претседатеслки избори во Турција и се изведени од лица кои се против влез на Турција во ЕУ. Сметаме дека се работи за провокација.”

Меѓу убиените во Малатија е и еден Германец. Огуз Демиралп, генерален секретар за прашања на ЕУ во Анкара, околу положбата на Германците во Турција оценува: ”Во Турција живеат 30 до 40 илјади Германци и тие немаат проблеми. Тие се дел од нашето општество. Затоа овој настан не смее да се генералзиира. Вакви настани кои се единствени случаи можат да се случат секаде.”

Претставниците на политиката и црквата во германија се шокирани од нападот во Турција. Министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, го осуди најостро, додека генералниот секретар на ЦДУ, Роналд Пофала, изјави дека турската држава е далеку од верската слобода која е карактеристична за Европа. Шефицата на зелените, Калудија Рот, во интервју за Дојче Веле, изјави: ”Од безбедносните структури во Турција очекувам да биде направено се за да се разјаснат страшните убиства, но и да се истражи позадината за нападот.”