1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наполитано по вторпат претседател

ЖА/дв/миа21 април 2013

Италијанскиот нов претседател е - стариот: со широко мнозинство тој беше избран во италијанскиот парламент за втор мандат. Наполитано истакна - ја прифаќа одговорноста, но истото го бара и од партиите.

https://p.dw.com/p/18K82
Фотографија: picture-alliance/dpa

Актуелниот претседател на Италија, Џорџо Наполитано, кој во јуни ќе наполни 88 години, вчера (20.04) во шестиот круг од гласањето за претседател на Италија е избран повторно на функцијата.

Актуелниот италијански претседател Џорџо Наполитано се согласи претходно да се кандидира за втор претседателски мандат „од чувство од одговорност кон народот". Претходно, вчера околу пладне пропадна петтиот круг од италијанските претседателски избори, откако ниеден кандидат не успеа да ги добие потребните 504 гласа од т.н. „големи електори", што ги потврди предвидувањата пред почетокот на изборот. Голем број ливчиња, 462 од 1.007 електори биле неважечки или непополнети. Главниот кандидат, експертот за уставно право Стефано Родота, кој беше предлог на Движењето 5 ѕвезди (M5S), доби само 201 глас.

Молба за повторна кандидатура

Лидерите на двете влијателни италијански партии, Демократската партија на Пјерлуиџи Берсани, којашто го предводи левиот блок и Народ на слободата на поранешниот премиер Силвио Берсани, откако заклучија дека нема да можат да изберат негов наследник во саботата вршеа притисок врз актуелниот претседател Џорџо Наполитано да прифати нов мандат и да отвори пат за излегување одќорсокакот во којшто западна Италија откако на парламентарните избори одржани на 24-ти и 25-ти февруари не беше добиен јасен изборен победник.

Italien Wahlversammlung neuer Staatschef
Фотографија: REUTERS

Италијанските парламентарци со долг аплауз го поздравија изборот на Наполитано откако беше објавено дека досегашниот претседател ги добил потребните 504 гласови додека пратениците од Движењето 5 ѕвезди на сатиричарот Бепе Грило, протестираа пред зградата на парламентот затоа што не беше избран нивниот кандидат Стефано Родота.

Наполитано е првиот италијански претседател кој беше практично замолен да се кандидира за втор претседателски мандат. „Сметам дека е моја должност да бидам на располагање, како што од мене се бараше. Не можам да се повлечам пред чувството на одговорноста кон нацијата и верувам дека тоа ќе поттикне и адекватно преземање на одговорноста од страна на политичките партии кои досега го спречуваат изборот на претседател и формирање влада", се наведува во писмената изјава на претседателот Наполитано со која ја објави својата повторна кандидатура.

Italien Wahlversammlung neuer Staatschef
Повеќе неуспешни кругови гласањe до изборот на НаполитаноФотографија: REUTERS

Сложен избор на претседател

Италијанскиот парламент во четвртокот ја започна сложената постапка за избор на претседател. Претседателот на Италија се избира во сложена процедура со гласовите на 1.007-те т.н. „големи избирачи", пратениците во долниот дом и сенаторите (пратениците во горниот дом од италијанскиот парламент - Сенатот), како и со гласовите 58 пратеници од регионите. За избор неопходно е двотретинско мнозинство или 672 гласови од 1.007-те електори во првите три круга, додека во четвртиот круг доволно е и просто мнозинство. Левиот блок на Берсани го мнозинството и оттаму најголемиот број електори - 430, па следува десниот блок на Берлускони со 211 и Движењето 5 ѕвезди со 162 електора.

Така Џорџо Наполитано, поранешен комунист и личност која ужива голем углед меѓу Италијанците но и меѓу политичката елита, стана првиот италијански претседател со два последователни мандата.

Со месеци претходно Наполитано ја истакнуваше својата возраст како аргумент да го одбие новиот седумгодишен претседателски мандат, меѓутоа попушти вчера по инсистирање на двата најголеми коалициски блока во Италија, коишто не може да се договорат за негов наследник.