1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народот или политичарите, кој треба да одлучи?

Ана Петерс/ Жана Ацеска21 ноември 2013

Народот би требало да има поголемо влијание врз донесувањето на одлуки. Со редовни референдуми граѓаните директно би се вклучиле во политиката. Но, референдумите носат со себе и опасности.

https://p.dw.com/p/1ALNy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија е првенствено претставничка демократија или поедноставно речено, граѓаните во одредени временски периоди ги бираат своите претставници, кои потоа самостојно и според своја совест гласаат за законите. Значи, народот владее индиректно. Во сите германски сојузни покраини постои можност за референдум, но тие сепак ретко се распишуваат. На сојузно ниво референдум досега, според законот, не беше можен.

„Поголема демократија“ е здружение кое лобира за поголема директна демократија во Германија и во него велат дека за мнозинството граѓани изборите веќе не се доволни за да можат да ги изразат своите политички определби. Зашто, гласањето за некоја политичка партија на избори не значи дека човек се согласува со нејзините ставови по сите прашања. Потребна е можност за корекција и тоа на сојузно ниво, велат во ова здружение.

СПД и ЦСУ сакаат директна демократија на сојузно ниво

Сличен став имаат и Социјалдемократската партија и Христијанско-социјалната унија. ЦСУ во Баварија сака референдум „кога се работи за финанисиите на релација Германија - ЕУ. А социјалдемократите сакаат граѓаните да имаат право на одлучување за законите кои се веќе донесени, ако за тоа се соберат милион потписи. Христијанско-демократската унија досега беше против референдуми. Но, во тековните коалициони договори во Берлин се‘уште не паднал конечниот збор.

„Отпорот на ЦДУ е силен. Но, ако СПД и ЦСУ останат упорни, се‘ е можно“, истакнува Михаел Ефлер од здружението „Поголема демократија“.

Michael Efler
Михаел ЕфлерФотографија: Mehr Demokratie e.V.

„Граѓаните сѐ понезадоволни од партиите“

Референдумите можат да ја зајакнат демократската свест во земјата.

„Граѓаните се сѐ понезадоволни со претставничките организации, сакаат поинаква можност за партиципација“, вели Франк Декер, политиколог од универзитетот во Бон.

„Постојат научни докази дека граѓаните се позадоволни со политичкиот систем ако имаат можност да донесуваат одлуки на референдум“, истакнува Декер.

Калифорнија како негативен пример

Но, поголемата директна демократија е поврзана со ризици. Посебно, ако граѓаните можат да одлучуваат дали сакаат да гласаат за некој закон. Тогаш владата е спречена да владее, смета Декер. Секогаш кога на опозицијата нема да и‘ се допаѓа некој закон на владата, може да се обиде да ги мобилизира избирачите против него:

„Се прашувам, дали на пример на таков начин ќе беа донесени Агендата 2010 и реформите за социјалата, Харц 4. Зашто, против нив тогаш постоеше иницијатива“, вели политикологот.

Франк Декер како негативен пример за директна демократија на народот ја наведува американската сојузна држава Калифорнија. Таму постои вистинска „индустрија на референдуми“ преку организации кои преку кампањи успешно спроведуваат одредени интереси. Поради тоа, донесените одлуки на референдуми веќе не се репрезентативни, туку исклучиво во интерес „ на добро организирани политички малцинства“, вели Декер.

Prof. Dr. Frank Decker
Франк ДекерФотографија: privat

Нужно е интензивно запознавање со законите

Директната демократија подразбира граѓаните интензивно да се запознаваат со темата и последиците на закон за кој носат одлука, значи, да издвојат време за тоа покрај работата, семејството и секојдневниот стрес. Михаел Елфер од здружението „Поголема демократија“ е оптимист, тој има доверба дека мнозинство од граѓаните е подготвено на тоа.

Франк Декер од универзиттеот во Бон не е приврзаник на референдуми на сојузно ниво:

„Директното одлучување има поголема смисла на пониско ниво, каде владее директна засегнатост“, вели тој.

На пример, неодамна мнозинството граѓани на Минхен, Гармиш-Партенкирхен, Трауннштајн и Берхтесгаден се изјасни против кандидатура на Минхен за домаќин на Зимските олимписки игри 2020 година. Градоначалниците и општинските совети на граѓаните им дадоа прилика да го кажат својот избор.