1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилството во Сирија ескалира

25 април 2011

Безбедносните сили, со поддршка на оклопни возила, во текот на ноќта навлегле во упориштето на антивладините демонстранти, градот Дараа, каде пукале од огнено оружје. Сириските интелектуалци го осудија насилството.

https://p.dw.com/p/113PD
Фотографија: picture alliance/abaca

Жителите на градот Дараа во јужна Сирија каде пред повеќе од еден месец започнаа првите протести против автократскиот режим на претседателот Башар ал Асад за светските новински агенции сведочеа дека сириските безбедносни сили во текот на ноќта навлегле во градот. Тие биле придружувани од оклопни возила и низ градот се слушале пукотници:

„Тие пукаа. Очевидци ми рекоа дека досега има петмина загинати и куќите станале болници“, изјави жител на Дараа за телевизијата Ал Џазира.

Karte Syrien mit Daraa englisch

Нема независно известување

Активистите за човекови права велат дека безбедносните сили убиле повеќе од 350 цивили од почетокот на протестите минатиот месец. Една третина од жртвите биле убиени во изминатите три дена во кои се интензивираше народниот револт против претседателот Асад. Странските новинари се протерани од земјата, со што практично е невозможно да се утврди вистинската состојба на теренот. Во интернет во изминатите денови се појавија повеќе аматерски видео снимки на кои може да се види како владините трупи стрелаат врз невооружените демонстранти.

Интелектуалците во шок од насилството

Од другастрана сириските писатели денеска издадоа декларација во која се осудува крвавото насилство против демонстрантите, што е знак за згрозеност на интелектуалната елита во Сирија од случувањата во последните неколку дена во кои насилството драматично ескалираше. Декларацијата е потпишана од 102 писатели и новинари во Сирија или во егзил, претставувајќи ги притоа сите верски секти во земјата, што е знак дека шокираноста од насилството ги надминува етничките граници во Сирија. Во писмото е упатен повик и до сириските интелектуалци кои не ја урнале бариерата на стравот да завземат јасен став.

„Ги осудуваме насилните и угнетувачки постапки на сирискиот режим против демонстрантите и им оддаваме почит на жртвите-маченици на бунтот“, се вели во декларацијата.

Автор:СН/ЖА/ртре/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема