1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Натамошно заладување на односите меѓу НАТО и Русија

Кристоф Хаселбах / Осло27 април 2007

Москва го суспендира Договорот за конвенционалното вооружување - во НАТО загрижени и разочарани. На средбата во Осло останаа и разликите околу Косово

https://p.dw.com/p/AbxV
Јап де Хоп Шефер
Јап де Хоп ШеферФотографија: AP

Бурата се крена уште пред да започне конференцијата. Американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс го нарече смешно руското однесување спрема планираното стационирање делови од антиракетната одбрана во Полска и Чешка. Рускиот претседател Владимир Путин на тоа возврати со закана за суспендирање на договорот за конвенционалните оружени сили во Европа.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во Осло го потврди тоа и рече: “Имаме впечаток дека НАТО се’ уште бара противник. Алијансата вели дека нема противник, барем ние не сме противник”. Со тоа индиректно потврди дека Русија се чувствува загрозена, и покрај спротивните американски тврдења.

Реакцијата на членовите на НАТО ја сумира генералниот секретар Јап де Хоп Шефер. “Веста за суспендирањето на Договорот беше примена со голема загриженост, разочарување и жалење, оти сојузниците сметат дека тој договор е еден од темелите на европската безбедност”.

Освен овие, останаа и разликите во мислењата околу идниот статус на Косово. Русија, како и Србија, одбива независност на досегашната српска покраина и бара натамошни преговори. Но, американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс не сака да слушне за тоа: “Со одложување нема да ја подобриме можноста за стабилна ситуација на Балканот. Србија не треба да страхува од меѓународната заедница. Таа може да добие се’ преку потесно поврзување со Европа и европските институции. Мислам дека ние тоа сосем јасно го кажавме”.

Само малкумина во Осло веројатно очекуваа дека толку ќе се продлабочи јазот меѓу САД и Русија. Загриженоста на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер можеше да му се прочита на лицето: “Се разбира дека денешните најави ми предизвикаа загриженост, а ме загрижува и како ја водиме дебатата за антиракетниот штит. Нам на Европејците најмалку ни одговара ако овде се развие спирала на недоверба меѓу САД и Русија. Напротив, ние мораме да се погрижиме тие да се вратат на меѓусебни политички разговори кон заедничката цел за создавање поголема безбедност”.