1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО во Авганистан

C.Heinzle27 април 2007

Очигледно на трупите на НАТО во Авганистан досега им успеа многу најавуваната пролетна офанзива на Талибанците да ја задушат во зародиш и да не им дозволат на екстремистите да освојат и да задржат одделни региони. Сепак, самоубиствените атентатори и бомбите активирани од далечина и натаму се постојана и растечка опасност.

https://p.dw.com/p/Adri
Самоубиствените напади се секојдневје во Авганисатн
Самоубиствените напади се секојдневје во АвганисатнФотографија: AP

Армијата, дипломатите и познавачите на Талибанците во едно се единствени: пролетната офанзива не е офанзива во воена смисла, со големи боребни единици и масивни напади. Радикално-исламистичките борци многу повеќе се потпираат врз бомбашки напади и самоубиствени атентати. Нивниот број во овој месец драстично се зголеми, подеднакво како и бројот на жртвите. Пакистанскиот новинар и експерт за Талибанците Рахимулах Јусуфзаи оценува:

„Талибанците не се способни за големи напади. Во големи битки претрпуваат големи загуби. Според тоа, ќе ја продолжат герилската тактика: нападни и бегај. Меѓутоа, нема да има големи напади, освен ако на тоа се приднудени„.

Талибанските команданти постојано подвлекуваат дека илјадници самоубиствени напаѓачи се подготвени за напади против странските трупи, авганистанските безбедносни сили и против секој што ги поддржува владата и меѓународната заедница. Командантот на единиците на ИСАФ предводени од НАТО, Ден Мекнил, знае дека пропагандата има дејство, ако редовно се случуваат ужасни напади:

„Тогаш се појавуваа големи наслови, зашто тоа секогаш е спектакл. Тоа во секој случај привлекува повеќе внимание, отколку отворањето на училиште или нова болница, што е за жалење. За тоа не би дебатирал, но така е„.

И покрај големите загуби на Талибанците, се чини дека приливот на нови борци не прекинува. И не секогаш решавачка е идеологијата. Сиромаштијата и невработеноста на југот играат голема улога, вели Бабак Калатбари, шеф на фондацијата Конрад Аденауер во Кабул:

„Постојат детални извештаи дека Талибанците на своите борци на југ и југоисток од земјата, им плаќаат месечно 60 до 70 долари. Тоа се 10 до 20 долари повеќе отколу што се добиваат, на пример, во авганистанската армија или полиција. Тоа значи дека тие луѓе не се борат од убедување, туку за пари„.

Нови борци доаѓаат и од бегалските кампови и корански училишта од онаа страна на границата со Пакистан. Освен тоа, таму се наоѓа најголемиот дел од талибанското раководство, во најголемиот дел недопрени од пакистанските власти, што е решавачки фактор, смета Шарлот Гел, дописник од регионот на весникот „Њујорк тајмс„:

„Талибанците во Пакистан имаат сигурно прибежиште. Таму можат да добијат лекарски третман, да се одморат и да бидат со своите семејства. Можат да ги водат битките или самите да војуваат знаејќи дека семејствата им се на сигурно„.

ИСАФ со политички иницијативи го притиска Пакистан и се залага за засилени мерки за обнова на немирните провинции во Авганистан. Меѓутоа, генерал Мекнил сосем јасно става на знаење дека офанзивата се води и на воен план:

„Сега имаме подобри воени сили отколку пред една година. Работиме врз тоа ние да ги диктираме условите, а не противникот. Воопшто не се обесхрабруваме од компликациите, туку се соочуваме со нив„.