1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО е пред нови предизвици

22 октомври 2009

Министрите за одбрана на земјите од НАТО денеска (22.10.09) и утре одржуваат советување со главна тема - Авганистан. Генералниот секретар Андеrс фог Расмусен ја поддржува промената на стратегијата во Хиндукуш.

https://p.dw.com/p/KCa7
Фотографија: AP

По жалбите за изборни неправилности, авганистанскиот претседател Хамид Карзаи прифати да оди на втор круг претседателски избори со својот противкандидат Абдула Абдула. За НАТО тоа е проблем помалку и истовремено проблем провеќе - од една страна тоа значи веродостојност на Алијансата и на демократските процеси кои таа ги поддржува, а од друга страна новите избори се нов акутен безбедносен предизвик. Вкупно, тешкотииите со кои се соочува НАТО во Авганистан се значително зголемени. Во земјите членки, со нив расте и отпорот против ангажманот чиј крај не е на повидок. Генералниот секретар на Алијансата Расмусен, уште пред најавата на Карзаи, се изјасни што би било сега потребно:

„Тоа значи поголем и подобар ангажман за обновата, поголема одговорност и видливо и ефикасно залагање од авганистанската влада против корупцијата, како и подготовка на авганистанските сили во таа мерка за да можат самите да се грижат за безбедноста со наша поддршка. Ако сакаме подоцна помалку да се ангажираме, мораме сега повеќе да инвестираме.“

Како да се добие војната во Авганистан?

Американскиот генерал Стенли Меккристал, командант на ИСАФ-трупите во Авганистан неодамна изјави дека без зголемување на бројот на војници, војната против талибанците не може да биде добиена. Ставот на американскиот претседател Барак Обама за ова прашање е се‘ уште нејасен, сојузниците чекаат на стратегијата која ја подготвува Белата куќа за Авганистан. Едно е јасно, помош е добредојдена, од која било страна. Со олеснување беше примена пораката од Русија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров деновиве изјави дека неговата земја не би сакала неуспех на мисијата во Авганистан, зашто тоа би значело влошување на вкупниот проблем на тероризмот и трговијата со дрога за целата меѓународна заедница.

Durch Anschlag zerstörtes Bundeswehrfahrzeug in Afghanistan
Неопходна промена на стратегијата во АвганистанФотографија: AP

Ракетната одбрана и натаму е на дневен ред

Со Русија во Братислава треба да се дискутира и друга тема - ракетната одбрана. Американскиот претседател Барак Обама го стави ад акта планираниот систем во Полска и Чешка, но ракетната одбрана, на пример од Иран, се‘ уште е тема во рамките на НАТО. Во очите на генералниот секретар Расмусен тоа е решавачка разлика:

„Се надевам дека ќе постои согласност за НАТО-изирање на европската ракетна одбрана, дека ќе дискутираме за примена на тој концепт и дека со оглед на растечката ракетна опасност ќе биде засилена солидарноста, поделбата на товарот и безбедноста на сојузниците.“

Автор: Кристоф Хазалбах / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска