1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Беспомошни гледачи на убиствениот поход во Украина

Барбара Везел
7 март 2022

Западот може да прекине да купува руски енергенси за да не му ја полни воената каса на Путин. НАТО не може да влезе во војна. Вака сме претворени во обични посматрачи на убивањето на една земја, коментира Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/487Fv
Украина добива многу солударност од ЕУ, но да војува мора самата
Украина добива многу солударност од ЕУ, но да војува мора саматаФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Ако изјавите за солидарност би можеле да се преточат во тенкови, ракети и авиони, тогаш ситуацијата во Украина веројатно немаше да изгледа толку очајно. Гледаме река од големи зборови но недостаток на корисна, воена помош. А политичарите не подготвуваат да сфатиме дека ужасните сцени од Украина се само почеток. Францускиот претседател по неодамнешниот телефонски разговор со Владимир Путин даде речиси слична изјава како и онаа на генералниот секретар на НАТО од петокот во Брисел: „Ќе биде уште полошо.“

Воените проценки говорат дека руската војска ќе го засили бомбардирањето и нападите врз цивили. Песимистите страхуваат дека Русите ќе го претворат и Киев во прав и пепел, исто како што се случи со главниот град на Чеченија, Грозни. И таа 1999 година Путин издаде команда целиот град практично да се срамни со земја. 

Тоа би значело светска војна

Со таков ужас пред очите, претседателот на Украина моли за зона за забрана на летови над Украина. НАТО секогаш одново мора да го одбие ваквото барање бидејќи во спротивно тоа неминовно би значело директна воена конфронтација со Русија и трета светска војна.

Путин веќе не потсети на атомскиот арсенал и ни даде до знаење дека можеби ќе оди до крај за да го оствари налудничавиот план за голема руска империја во која би била и Украина. Очигледната нерационалност на владетелот во Кремљ, неговото вистинско или божемно лудило му е само уште едно средство да не направи несигурни.

Барбара Везел, авторка на коментарот
Барбара Везел, авторка на коментарот

Некои сметаат дека Западот би морал да биде уште повнимателен за да се избегне апокалипса. Путин би можел дури и испораката на оружје на Украина да ја протолкува како преминување на црвената линија.

Повеќе: Украина ќе преживее, но Западот треба да се срами

Наспроти тоа, САД сметаат дека Путин мора да се запре сега за да не се отвори Пандорината кутија на нови војни и нестабилност, како што изјави американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен. Тој, како и многу Европејци верува дека Путин е подготвен да ја нападне и Грузија, Молдавија, Балтичките земји.

Западните земји реагираа со до сега најтешки и најбрзи економски санкции во историјата. Но, ако сакаме да го запреме уништувањето на Путин, треба уште повеќе акција. Европската унија најави дека на почетокот од следната недела ќе блокира уште повеќе банки, поморскиот транспорт и друг вид на увоз. Потоа останува само последното средство – прекин на извозот на руската нафта, гас и јаглен. Тоа сериозно би ги нарушило нашите економии и социјалниот мир. Но во случај на нужда, мора да сметаме и на ова, бидејќи сите други опции се уште пострашни.

Ние ги плаќаме Путиновите тенкови

Додека купуваме руска нафта и гас, ние на Путин му плаќаме за војната. Иако веќе првите санкции практично ја блокираа Руската централна банка, Москва во трансакциите со нас сè уште заработува стотина милиони долари секојдневно.  Ако ја затвориме и таа славина и Путин остане без приходи, можеби тогаш рускиот претседател сепак ќе седне на преговарачка маса.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Но и вакви најтешки санкции нема да и помогнат на Украина во догледно време. Европската унија, која инаку е премногу често поделена по одредени прашања, сега се надминува себе си – на бегалците од Украина им нуди заштита без бирократија, а оваа огромна човечка подготвеност да се помогне е трогателна и искрена. Европејците на Украина и даваат пари, оружје и хуманитарна помош.

Граѓаните на Европа прават се што можат бидејќи чувствуват дека оваа војна е напад на сите нас, на либералниот и демократски начин на живот. И затоа што неверојатната храброст на Украинците ги раздрма и оние кои веруваа дека безбедноста можеме да ја чуваме и удобно завалени на кауч.

Сепак ако дојде до тоа Путин да тргне во освојување на главниот град на Украина со неговите златни куполи, претседателската палата и херојскиот претседател Володимир Зеленски, и ако навистина сака да го срамни со земја Киев со над три милиони жители – ние ќе бидеме само посматрачи. И ова чувство на беспомошност, со врзани раце да се биде само гледач од страна на убиствениот поход на Путин, ќе биде ужасно горчливо.