1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО одамна е во кома

Барбара Везел
5 декември 2019

Францускиот претседател е задоволен што иницираше стратешка дебата во врска со иднината на НАТО. Доколку сака да преживее, Алијансата мора конечно да стане политичка, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3UG0K
England NATO Gipfel in London | Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/M. Dunham

Дебатата за крајот на НАТО е стара колку и самиот сојуз, од пред 70 години се присутни преувеличани извештаи за неговиот брз залез. Настрана од тоа, францускиот претседател Макрон сепак е во право: НАТО е „мозочно мртов“, и тоа веќе одамна. Иако германската канцеларка и други се лутат за изјавата, Емануел Макрон ја зборува вистината. Зашто, од политички аспект, НАТО никогаш не бил послаб од сега.

Една од најголемите слабости на Алијансата е непредвидливиот американски претседател. Според своите желби и моментно расположение тој ги навредува неговите партнери, ги велича автократите како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган или севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун или целосно го доведува НАТО во прашање. Но, на критиката на Емануел Макрон, тој во Лондон реагираше алергично и одеднаш се претвори во најсилниот бранител на Алијансата. Очигледно, НАТО смее да го критикува само самиот Трамп. Ова е навистина инфантилна претстава.

Тивка надеж дека Трамп нема да биде реизбран

Американскиот претседател дејствува деструктивно и со своите унилатерални одлуки. Тој ги повлече американските трупи од Сирија и ја отвори вратата за турската воена интервенција против Курдите, кои ја водеа борбата против Исламска држава во корист на Западот. Фатален пример за предавство на сојузниците со висока човечка и политичка цена. А тоа е само еден пример за неспособноста на Трамп во донесувањето стратешки одлуки во заеднички интерес. Во НАТО постои тивка надеж дека идната година Трамп нема да биде реизбран на претседателската функција.

Во времињата на Студената војна, животот за НАТО беше едноставен - тој претставуваше противтежа на Варшавскиот пакт. Задачите беа јасни, доктрината на меѓусебно заплашување беше едноставен стратешки модел. Но, триесет години подоцна Алијансата не најде нови одговори на комплетно променетиот свет - се нишаше од криза до криза и од еден самит до следниот.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Првпат на пример сега на самитот во Лондон е тематизирана и Кина како иден предизвик. Но, тоа не кажува многу, зашто не може да стане ни збор за заедничка политика кон Пекинг, со оглед што постои огромна разлика во интересите кај членките на НАТО. Сепак, важно е што подемот на новата голема сила добива ознака на потенцијална закана, со што се дава дозвола за размислување околу консеквенците на агресивната кинеска политика за заедничката безбедност.

На воениот сојуз му е потребна политичка глава

НАТО размислува како некој прастар, малку прост џин, неговите реакции се пребавни. На пример и во однос на ризиците од промената на климата, на кои укажа норвешката претседателка. Или во однос на опасностите од регионална дестабилизација предизвикани од мобилните терористички групи, на кои Франција предлага да им се посвети поголемо внимание. А тука се и политичките црни дупки, делумно создадени од самите членки на НАТО, каков што е случајот со Либија, која стана инкубатор за тероризам и трговија со луѓе, кои се закана за Европа.

Повеќе: 

НАТО „преживеа“ и покрај навредите и обвинувањата

Роденденот на НАТО во знак на тензии

Самит во Лондон: Судирот меѓу Трамп, Макрон и Ердоган го тресе НАТО

Турција - проблематичното дете на НАТО

На НАТО му недостига еден вид политичка глава, мозок, гремиум кој истовремено може да врши анализи и да подготвува одлуки. „Советот на мудреците“, кој сега треба да предложи еден вид стратешки план за иднината, е само привремено решение. А уште една слаба точка на НАТО е што со зголемувањето на бројноста на членките, поради нивните се` поразлични интереси, се` потешко е остварување на принудата за едногласност.

Недостигаат и санкционирачки механизми во случаи кога земјите-членки безобѕирно спроведуваат чисто национални интереси, како Турција со офанзивата против Курдите и купувањето руски ракетен систем. Вакви акции отвораат дупка во заедничката безбедност, која формалните компромиси како во Лондон, не можат да ја затворат. Освен тоа, тие отвораат приличен сомнеж во т.н. „заеднички вредности“.

Можен ли е спас на НАТО?

Наспроти дијагнозата на Емануел Макрон, НАТО е во кома, но не е мртов. И европските иницијативи за проектот сопствена одбрана одат жилаво. Тие во блиска иднина не можат да го заменат НАТО. Прашање и притоа и колкава е можноста за реформирање на Алијансата, со оглед на растечкиот надворешен и внатрешен притисок. Многу нешта зависат од претседателските избори во САД. Но, едно е јасно: францускиот претседател со својата недипломатска отвореност му направи голема услуга на НАТО на 70-тиот роденден на Алијансата.