1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО се лади кон Македонија?

26 април 2010

На денешниот (26.04.) редовен состанок во Брисел, ниту една од членките на НАТО не се распрашала до каде се преговорите за името, што досега не било случај. Дали ова значи дека Алијансата го губи интересот за Македонија?

https://p.dw.com/p/N72S
Фотографија: DW / Petr Stojanowski

Македонија го намалува буџетот за одбрана втора година по ред, но обврските кон НАТО се исполнуваат, ги уверувале денеска македонските претставници партнерите од Северно-атлантската алијанса, на редовниот состанок во седиштето на воената организација во Брисел.

Овој состанок се одржува еднаш годишно во присуство на земјите членки на Алијансата, како и на земјите кандидати како што се Црна Гора, Босна и Хецеговина и Грузија.

Државниот секретар за одбрана, Петар Есмеров, за Дојче Веле објаснува дека намалувањето на буџетот не значи отстапување од преземените цели кон НАТО.

Официјално, објаснувањето за намалениот буџет е економската криза. Сепак, дипломатски извори истакнуваат дека зацртаните два насто за одбраната, кои Македонија ги исполнуваше до пред две години, можеа и натаму да се задржат. Иако е добро познато дека речиси ниедна земја-членка на НАТО не ги одвојува овие два проценти, за земјите кандидати не е пожелно да се спуштаат под оваа граница.

Никој не се заинтересирал за преговорите

Belgien NATO Hauptquartier in Brüssel Flaggen
Знамето на Македонија ќе се најде меѓу земјите-членки веднаш откако спорот околу името ќе се затвориФотографија: AP

На денешниот состанок во Брисел се разговарало и за политичките реформи во Македонија. Иако досега, велат присутните од македонска страна, секогаш се поставувало прашањето за името на овие состаноци, годинава за првпат ниедна земја членка не ја отворила оваа тема. Прашањето за името, од самитот во Букурешт, стана и официјален услов за влезот на Македонија во НАТО.

Неотворањето на темата околу името може да се протолкува на разни начини, еден од нив е дека за НАТО членките станува јасно дека ова прашање нема да се реши во догледно време.

Во 2008 година, НАТО на Македонија и` вети дека штом го реши проблемот со Грција, уште следниот ден ќе ја добие поканата за влез во Алијансата.

Голем број дипломати потоа предупредија дека со секое одлагање на крајно решение за спорот со името се зголемува ризикот Македонија да потфрли и за други суштински реформски прашања.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Трајче Тосев