1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО се прошири со уште 7 земји – шест од нив од се некогашниот Варшавски пакт

30 март 2004

Со приемот на Словенија, Бугарија, Романија, Словачка, Естонија, Летонија и Литва, Алијансата го изврши најголемото проширување во својата 55-годишна историја и сега брои 26 земји-членки. Поддржана и амбицијата на Македонија за членство во НАТО.

https://p.dw.com/p/AcOR
Од свеченоста во Вашингтон
Од свеченоста во ВашингтонФотографија: AP

“Добредојовте во најголемата и најуспешна алијанса на историјата” – ги поздрави американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел премиерите на Словенија, Бугарија, Романија, Словачка, Естонија, Летонија и Литва, кои на свеченоста во Вашингтон ги поднесоа документите за пристапување кон НАТО. Пауел, а потоа и американскиот претседател Џорџ Буш, ги поддржаа и амбициите на Македонија, Хрватска и Албанија, чии премиери исто така присуствуваа на свеченостите во Вашингтон, еден ден да станат членки на НАТО.

Претседателот Буш на приемот за премиерите на новите членки и на аспирантите за членство ги поздрави новите членови на Алијансата како “целосни и рамноправни партнери”: “Кога беше основано НАТО, народите на овие седум земји беа заробеници на системот. Тие мораа да истрпат горка тиранија и да се борат за својата независност. Сите тие народи си ја заслужија слободата со својата смелост и истрајност. Денес тие се целосни и рамноправни членови во овој величествен сојуз”, рече Буш. Тој го поздрави ангажманот на тие земји во Ирак и Авганистан и ја нагласи антитерористичката војна како нов предизвик за Алијансата: “Сржта на мисијата на НАТО останува иста – одбрана на неговите членови од агресија. Денес нашата алијанса е соочена со нов непријател, кој им донесе смрт на невини луѓе од Њујорк до Мадрид. Терористите мразат се’ за што се залага Алијансата. Тие ја презираат нашата слобода, страхуваат од нашето единство, се обидуваат да не раздвојат. Но, тие ќе доживеат неуспех. Ние нема да бидеме поделени. Никогаш нема да попуштиме пред насилството на малкумина. Заеднички ќе им се спротивставиме на ужасните опасности на тероризмот и заеднички ќе ги сузбиеме” – рече Џорџ Буш.

Со новопримените членки потенцијалот на НАТО се зголеми за вкупно 175 илјади регуларни војници и преку 3 илјади, главно застарени тенкови. Најголема армија меѓу нив има Романија со 87 илјади, пред Бугарија со 42 500 војници. Сите нови земји-членки имаат блиски односи со САД, доминантната нација во НАТО. Тие без задршка ја поддржаа војната во Ирак. Америка има намера во нив да гради нови бази по планираното повлекување на трупите што сега се стационирани во Германија.

По проширувањето 40 проценти од сега 26-те земји членки се поранешни комунистички држави. Со сегашниот чекор дефинитивно е надмината студената војна, процес што започна со приемот на Полска, Чешка и Унгарија во март 1999-та. Сега Алијансата се протега до границите на Русија, во неа, со Балтичките држави, влегоа и три републики на некогашниот Советски сојуз.

Русија и натаму има критички став во однос на приемот на Балтичките земји. Претседателот на Советот на федерацијата Сергеј Миронов денеска рече дека руските оружени сили се во постојана состојба на борбена готовност и внимателно ќе се следи она што ќе се случува зад руските граници, а претставник на Министерството за надворешни работи, коментирајќи го приемот на Балтичките земји, оцени дека многумина во НАТО очигледно поаѓаат од поранешната идеја дека би можело да има војна во Европа. Имајќи го предвид нерасположението на Москва, Буш нагласи: “НАТО го проширува кругот на своите пријатели креирајќи нова глава во нашите односи со Русија”. Русија, со востановувањето на Советот НАТО-Русија, учествува во консултациите по сите прашања, освен за проширувањето или за прогласување сојузнички случај, односно ангажирање на Алијансата во одбрана на некоја нејзина загрозена членка.

Освен политичкото, проширувањето на НАТО има и геостратегиско значење: Алијансата по копнен пат сега се протега до Црното, а ќе има и посилно присуство во Балтичкото море. Критичари, пак, забележуваат дека проширувањето ќе го отежне донесувањето решенија, бидејќи во НАТО важи принципот на едногласност, па Алијансата веќе не би можела брзо да реагира на заканите. Притоа се наведува и случајот во предиграта на ирачката војна, кога Германија заедно со Белгија и Франција блокираше донесување решение за планирање заштита на Турција во случај на војна во регионот.

В петок во Брисел во присуство на министрите за надворешни работи на сите држави на НАТО ќе се одржи првата средба на проширената Алијанса. Пред нејзиното седиштето ќе бидат кренати знамињата на новите членки. На 1-ви мај пет од овие седум земји (освен Бугарија и Романија, за кои визиран термин за прием е 2007-ма година) ќе бидат примени и во ЕУ, па вкупно 19 држави истовремено ќе припаѓаат и кон НАТО, како и кон Унијата.