1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наумовски е нов претседател на Уставниот суд

29 октомври 2010

Пред Бранко Наумовски е предизвикот да му го врати угледот и кредибилитетот на Уставниот суд. Тој со мнозинство гласови е избран за претседател на Судот, задолжен да се грижи за почитување на Уставот и законите.

https://p.dw.com/p/Pt7e
Уставен суд - колку треба да се менува?Фотографија: Petr Stojanovski

На седницата затворена за јавноста присуствувале сите уставни судии. Наумоски го добил потребното двотретинско мнозинство на тајното гласање на денешната (29.10) седница. Станува претседател во време кога Уставниот суд е критикуван од власта за пристрасност кон опозициската СДСМ, поради низата укинати закони и подзаконски акти за кои владата тврдеше дека се европски. Минатата година, Уставниот суд укинал вкупно 58 закони, одредби и подзаконски акти. Меѓу позначајните се изучувањето на веронаука, екстерното оценување, правото на паричен надомест за трето дете. Годинава на Уставен падна одлуката за задолжително изучување на македонскиот јазик за сите првоодделенци. Освен поголема отпорност на политички притисоци, на Уставниот суд му е неопходна подлабока реформа, сугерираат експертите по уставно право кои ги анкетираше Дојче Веле. Професорката Тања Каракамишева објаснува:

Verfassungsgericht in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

„Уставниот суд е единствена институција која што не доживеа никаква промена во овие 20 години, што е индикативно и алармантно.“

Каракамишева смета дека е потребно што поскоро да се отвори јавна расправа за реформа на Уставниот суд. Меѓу најважните промени, според неа, е зголемувањето на одговорноста на уставните судии, мерка што ќе и‘ ја затвори вратата на политиката:

„Одговорноста, дефинитивно. За жал таа сега не постои. Што би рекол еден поранешен уставен судија, уставните судии се одговорни единствено пред Бога. Тоа не би смеело да биде така во еден демократски систем.“

Новоизбраниот претседател е уставен судија од декември 2004 година. Претходно беше Народен правобранител, а кариерата на овој правник почнува во Јавното обвинителство. На функцијата го наследува Трендафил Ивановски, чиј мандат завршува неславно откако Комисијата за лустрација го посочи како соработник на тајните служби. Мандатот на претседателот е три години, без право на реизбор.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска