1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Научниците ќе можат да создаваат хибриди од животно и човек

Јудит Хартл
1 август 2019

Со нов закон во Јапонија на научниците им се дозволува да создаваат мешани суштества од човечки и животински клетки. Долгорочната цел произведуваат органи за луѓе на кои им е потребна трансплантација.

https://p.dw.com/p/3N8BS
Ratten-Embryo Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/Mary Evans Picture Library

Суштината на сето се човечки органи. „Резервни” органи од кои има акутен недостиг. За луѓе чија што слезина, жолчка или на пример бубрег веќе не функционираат. Животинските бубрези не помагаат, се покажало дека веднаш по трансплантацијата човечкиот организам ги отфрла. Затоа идејата која повеќе од три децении ја пласираат научници ширум светот, на прв поглед е паметна.

Малку од ова, малку од она

Се мешаат ембриони од два вида. На крајот се добива хибрид или т.н. химера, односно мешано суштество. Во химерата не се мешаат генетските податоци, што значи дека клетките на двата вида генетски растат одвоено едни од други, па така е возможно на пример органите на химерата да бидат од еден вид, а телото од другиот. Еден пример од 1984 година, кога на научниците им успеа да создадат хибрид од овца и коза. Некои органи беа од овца, други од коза. И надворешно животното беше мешавина од овца и коза. Дури и однесувањето се менуваше де на овца, де на коза. Карактерот, вели Стин Виладсен кој ја создаде химерата, и бил повеќе на коза, но животното го преферирало друштвото на овци.

2010: прв пробив

Mischwesen- Schiege - Schaf und Ziege
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Lawless

Такви опити имало континуирано. Во САД, Израел, Велика Британија и Јапонија. Во 2010 година на јапонецот Хиромитсу Накучи конечно му успеа пробивот. Во ембриони на глувци на кои има фалел генот за формирање на панкреас, успеал да израсне панкреас од матични клетки на стаорци. Глувците кои без тој орган би умреле, преживеале благодарение на панкреасот од стаорците. Во 2017 година Накучи успеа да расте глувчешки панкреаси во ембриони на стаорци. Тие пак ги пресадил на глувци болни од дијабет и на тој начин ги излечил. Истото му успеало и со бубрези.

Дали е човекот следен на ред?


Сега следниот чекор на Накучи е опитите да ги спроведе и со човечки ембриони. Во некои земји се создаваа животински ембриони со човечки клетки, но никогаш не беа износени до раѓање. Тоа сега треба да се промени. За таа цел јапонската влада го смени законот кој до сега забрануваше химерата да се расте подолго од 14тиот ден на ембрионалниот развој.
Накучи планира ембриони од глушец, стаорец и свиња помешани со човечки клетки да ги расте најдолго што може. За сега не е планирано химерите да се донесат на свет. Целта на Накучи е да расте химери во кои поединечни органи се исклучиво од човечки клетки. Тие би можеле да се користат за трансплантација за болни лица со големата предност дека нема да бидат отфрлени од организмот.

Но, што ако…?
Сето тоа звучи интересно и дека е за доброто на луѓето. Сепак, таквите истражувања се исклучително спорни. Во Германија се забранети со Законот за заштита на ембрионите.
Една од причините е и тоа што техниката со химерите ги разводнува границите и создава мешани, или половина-половина суштества. Во химера од свиња и човек на пример, каде почнува свињата, каде човекот?
„Што ако химерата зборува, што ако размислува?", се запраша еднаш генетичарот Мартин Бобров од универзитетот Кембриџ уште во 2009 година. „Или пак ако суштеството има свест и свесност како луѓето? Тогаш веќе играме во сосема друга лига."