1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Националните малцинства во Србија незадоволни

Динко Грухоњиќ / Б.Георгиевски20 јули 2012

Советите на 19. национални малцинства во Србија заеднички бараат во идната влада да биде формирано посебно Министерство за човекови и малцински права. Тие не се задоволни со актуелната состојба.

https://p.dw.com/p/15bsa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во претходната влада такво министерство постоеше, но поради намалување на бројот на ресорите, Министерството за човекови и малцински права беше споено со Министерството за локална самоуправа. Според претставниците на малцинските национални совети, оттогаш тие немаат кому да се обратат кога ќе се јави некој проблем.

Поради тоа, малцинските совети упатија барање до мандатарот Ивица Дачиќ да се врати старото министерството. Досега нема одговор на нивното барање.

„Во потпишаниот коалициски договор на идната владина коалиција, за кој велат дека е најобемниот и најсеопфатниот досега, нема буквално ни збор за човековите и за малцинските права“, вели Борче Величковски, претседател на Националниот совет на Македонците и координатор на Националниот совет на малцинствата.

„Доколку денот се познава по утрото, тогаш не‘ чекаат многу темни и облачни денови во следниот период и треба да си ги подготвиме чадорите“, вели Дарко Сариќ Лукендиќ, претседател на извршниот одбор на Хрватскиот национален совет.

Права - само на хартија

Според него, задачата за идната власт во Србија е конечно да обезбеди примена на солидни законски прописи.

„Доколку ги погледнеме законските решенија кога се во прашање човековите и малцинските права во Србија, ќе забележиме дека тие се релативно добро напишани. Меѓутоа, сите национални совети имаа големи проблеми во спроведувањето на тие права“, вели Лукендиќ.

Дополнителен проблем, според Ана Томанова-Маканов, претседателка на советот на Словаците, е и неодамнешната одлука на Уставниот суд на Србија да суспендира одредени надлежности на Војводина, меѓу кои и веќе постигнатите права во областа на службената употреба на јазикот и писмото, образованието, културата и информирањето.

Volkszählung Vojvodina Serbien
Уставниот суд на Србија суспендира одредени надлежности на ВојводинаФотографија: DW/Dinko Gruhonjic

„Самиот Уставен суд го прекрши Уставот и со својата одлука битно придонесе за намалување на достигнатото ниво на човекови и малцински права“.

Претставниците на националните совети протестираат и поради најавите дека, и онака малите буџетски средства, наскоро ќе бидат намалени. Томанова-Маканов вели дека претставниците на националните совети често не можат да си дозволат ниту да допатуваат на заедничките состаноци.

Поголема меѓусебна соработка

Националните совети постојат веќе 10 години и замислени се како највисоки тела на културна автономија за повеќе од еден милион српски државјани кои се изјаснуваат како припадници на национални малцинства. Од 2009 година постои и Закон за национални совети, а во 2010. беа одржани и избори за овие тела, со што тие профункционираа со целосен демократски капацитет.

Сепак, истражувањето на покраинскиот омбудсман покажа дека е неопходно државата да преземе мерки со помош на кои би се намалило влијанието на политичките партии на работата на националните совети, во областите на образование и информирање. Од канцеларијата на омбудсманот препорачуваат, националните заедници повеќе да се отворат едни кон други и да соработуваат, но и да преземат активности со кои ќе му овозможат на мнозинскиот народ подобро да се запознае со нивната култура и традиција.