1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најгарантирано - правото на скара

Катерина Блажевска1 мај 2013

Никој не знае колку синдикални организации има во Македонија, но сите знаат дека ниту една од нив денес нема да протестира во одбрана на работничките права.

https://p.dw.com/p/18Q0G
Фотографија: DW

Синдикатите веќе неколку години по ред го преспиваат 1 Мај, некои и годината, а своите обврски ги „покриваат“ со делење брошури, некоја прес-конференција или најава за кампања. И годинава нема да биде поразлично. Репрезентативниот Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) кој има 17 членки и околу 76.000 членови, ќе започне кампања за формирање социо-економски совети на локално ниво. Конфедерацијата на слободни синдикати, втора по репрезентативност со околу 60.000 членови, со летоци ќе ги запознае граѓаните со своите активности. На терен и годинава најактивни се левичарското движење „Солидарност“ и движењето за социјална правда „Ленка“, кои минатиот месец организираа серија протести, а ќе протестираат и денес (1.05) на пладне во Скопје. Двете организации во континуитет ги следат состојбите со кршењето на работничките права. Според нив, проблемите настануваат кога синдикатите се окупирани од бирократски елити, а нивните челници се позаинтересирани за своите фотелји отколку за правата на работниците.

Лажен социјален дијалог

Најважно е работниците да престанат да чекаат некој друг да се бори за нивните права, порачуваат од „Ленка“.

„Наспроти објаснувањата на синдикалните лидери дека социјалниот дијалог дава резултат, тој се користи за да се креира илузија дека синдикалните лидери прават нешто за работниците. Ретките подобрувања на работничките права не можат да го сокријат фактот дека многу права остануваат намалени и укинати. И кога на власт бил СДСМ и кога на власт била ВМРО- ДПМНЕ, далеку побројни се негативните, отколку позитивните промени во законската регулатива за работничките права. Тие во изминатите 20 години драстично се намалија, а и оние кои фигурираат во законските акти не се почитуваат. За жал, и покрај тоа што се жртвувани права на работниците, тоа нема некој поголем ефект врз „заживувањето на економијата“, оценуваат од Ленка.

Според Артан Садику, член на „Солидарност“, Македонија по две децении од нејзината независност и спроведувањето на економска и политичка трансформација, денес е земја со најголеми класни разлики, економска нееднаквост и социјална неправда во споредба со земјите од Европа и оние од поранешниот Советски сојуз.

„Две децении влечеме невработеност на една третина од населението, најниски примања на работниците и најмали работнички права кои секојдневно се кршат и не се почитуваат во практика. Без радикални и суштински интервенции во законодавството и во институционалната практика, социјалната неправда, сиромаштијата и економските разлики континуирано ќе растат“, вели Садику.

Изгубена битка

Пеце Груевски, претседател на Синдикатот на УПОЗ (на работници од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани), кој е член на ССМ, признава дека од година в година работничките права се намалуваат.

„Синдикатите ја изгубија битката. Со секоја измена на закон, правата се намалуваат, па дури и оние права кои ги сметавме за одамна стекнати. И покрај тоа, работниците не чувствуваат потреба да го кренат својот глас. Веројатно, тоа влече корен од претходниот систем, кога некој друг се грижеше за нивните права, а тие имаа 'обврска' денот да го одбележат со скара и пиво. Тој менталитет се уште не може да се промени“, вели Груевски.

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Фотографија: Petr Stojanovski

Мирјана Андревска, претседателка на Конфедерацијата на слободни синдикати, потврдува дека има многу синдикални организации, но прашање е колку од нив вистински функционираат и колку се зачленуваат во гранските синдикати, како што налага законот. Според проценките, во синдикатите се зачленети околу 30 отсто од вработените, а интересот е најмал кај младите.

„Се обидуваме преку социјален дијалог да ги заштитиме правата на вработените. Изгледа дека тоа што го правиме е само 'капка во море', но ништо не може да се смени преку ноќ. Планираме интензивни активности за да ги охрабриме граѓаните да се зачленат, особено младите, да учествуваат во нашите работни групи и низ обуки да ги информираме за нивните права, кои со законски измени многу брзо се менуваат“, вели Андревска.

Заедно посилни

Четири синдикални организации – на новинарите, Самостојниот синдикат на клиничките центри, на македонската дипломатска служба и на УПОЗ, вчера потпишаа Повелба за солидарност, за поефикасна борба за правата на работниците, поттикнати од влошувањето на условите за работа на работниците во сите сектори, но и од отворените анти-синдикални активности што земаат замав. Ова го сметаат за почеток на позитивен тренд, како пример што ќе го следат и други синдикати за соработка, здружување и окрупнување. Според Пеце Груевски, македонското синдикално движење е расцепкано и во моментов важи за најразединето во Европа.

Пред два дена беа презентирани нови измени на Законот за работни односи со кои се прецизираат начините на кои може да се даде отказ, но се зголемија и казните за работа на црно. Трудовите инспектори од почетокот на годинава на терен изрекле 234 прекршочни пријави за фирми кои ги кршат работничките права. Најчести неправилности се работа на црно, непочитување на минималната плата, неисплаќање на празнична и прекувремена работа. Дали е тоа многу или малку? Колку за илустрација, Драги Јовановски, експерт за трудово право, неодамна објави податок дека во Македонија дневно се кршат правата на 100.000 работници.