1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголема глад во последните неколку децении

14 јули 2011

Состојбата во Сомалија веќе не може да се опише со зборови. Големата суша е причина што стотици илјади луѓе немаат што да јадат. Не само природата, туку и човекот е голем непријател на човекот.

https://p.dw.com/p/11v70
Сомалијци чекаат на основни животни намирници во кампот во МогадишуФотографија: dapd


Бегалскиот камп во главниот град на Сомалија, Могадишу е преполн. Но, во него и натаму дневно се слеваат стотици луѓе, исцрпени од повеќедневното пешачење. Сите тие побегнале од сушата и гладта. Исто како и човекот, кој на рацете носи мало девојче, и кој раскажува:

„Нема повеќе што да се јаде. Имам пет деца, кои веќе не би можел да ги прехранам. Ние сме на југот на земјата. Таму преовладува вистинска глад. Целиот добиток е умрен“, раскажува овој Сомалиец.

Во Сомалија изостануваат врнежливите периоди, а ОН зборуваат за најголемата суша во последните 60 години. Повеќе од 130.000 луѓе, бегајќи од гладта, ги напуштиле домовите. И другите региони на Рогот на Африка се погодени од долги суши, но ситуацијата во Сомалија е посебно критична. Земјата е ослабена и од повеќегодишни борби и граѓанска војна.

Нема ниту резерви на основни прехранбени намирници, како пченично брашно или просо. За она што останало, се бараат рекордни цени. Шпекулантите заработуваат на катастрофата на луѓето, вели координарото на ОН за помош во Сомалија, Марк Боуден:

„Важно е да им се помогне на луѓето, бидејќи растот на цените од 270% мора да запре. Или цените на храната мора да се намалуваат, или мора понатаму да се носи доволно храна, за да можат да си ги прехранат фамилиите“, потенцира Боуден.

Flash-Galerie Dürre ohne Ende Somalische Flüchtlinge strömen wegen Dürre nach Äthiopien
На сушата и‘ нема крај, а нема крај и на реките бегалците од Сомалија кон ЕтиопијаФотографија: picture alliance/dpa/WFP/Judith Schuler

Бизнис со човечките чувства

Но, снабдувањата со храна од Светската програма за храна е при крај. Се очекува резервите да стасаат уште отприлика до септември. Според информациите од ОН, една третина од жителите на Сомалија се екстремно неухранети, а тоа значи 2,5 милиони луѓе. Колку веќе починале од глад, тоа не се ни знае.

Југот на земјата, каде што сушата е особено лоша, е контролиран од радикално исламистичката група Ал Шабааб. Овие милитанти долго време не дозволуваа хуманитарната помош да стаса до населението. Сега и самите молат за помош – уште една потврда колку е сериозна состојбата.

„Секоја организација, која сака да им помогне на жртвите од сушата, е добредојдена, се‘ едно дали е муслиманска или не е муслиманска. Се‘ додека хуманитарните активности немаат некои скриени цели, дотогаш ние ќе им даваме поддршка“, изјави портпаролот на Ал Шабааб, Али Мохмуд.

ОН го поздравија таквиот став, но притоа се бараат гаранции за безбедноста на активистите. За координаторот Марк Боуден најважно е да запрат бегалците од Сомалија.

Kenia Dürre in Ostafrika Flüchtlingslager in Dadaab
Бегалци од сушата на југот од АфрикаФотографија: dapd

„Постои ризик луѓето да починат додека одат на долг пат. Посебно децата доаѓаат во животно загрозувачка состојба во прифатните центри во Кенија или Етиопија“, додава Боуден.

Како и да е, засега секој ден продолжуваат реките народ кон засолништата. Многумина дале се‘ што имале на трговците со луѓе. Тие земаат речиси 150 долари по бегалец. Бизнисот со очајните луѓе веројатно и во следните недели ќе доживува бум.

Милиони од помошта исчезнуваат во калта од корупција

И во другите земји сушата е виновна за гладот што владее. Според податоците со кои располага УНИЦЕФ, во моментов во Кенија околу 400.000 деца страдаат од неухранетост. И таму минатите недели цените пораснаа, пред се‘ цените на основните намирници, како пченичното брашно. Цената е 300 пати поголема од вообичаено. Но, и тука природата не е единствената причина за злото. Виновна е и лошата политика на владата. Имено, катастрофата можеше да се предвиди уште на почетокот од годината, а на неа предупредуваше и Црвениот крст.

Состојбата е критична. Исто како и во Сомалија и Етиопија, стоката умира и во Кенија, а на полињата веќе не расте ништо. Околу три и пол милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош, но пратките се загубиле некаде по пат – потонале во калта од корупција. Минатата недела Светската банка ги замрзна средствата кои беа наменети за подрачјата погодени од суша, бидејќи им се загубила трагата на повеќе милиони долари. Владата во Најроби ги отфрла сите обвинувања за корупција.

Flash-Galerie Dürre ohne Ende Dürre am Horn von Afrika Zehn Millionen Hungernde erwartet
Поради сушата на Рогот од Африка се очекува да гладуваат десетици милиони луѓеФотографија: picture alliance/dpa/WFP/Rose Ogola

Нова држава, нови грижи

Најмладата држава во светот, Јужен Судан, е исто така едно од кризните жаришта. Жителите кои славеа за остварената независност, страдаат поради непостојната инфраструктура. Болниците и медицинските установи се оддалечени стотици километри, а голема среќа е ако воопшто стигнат до нив. „Жените умираат при породување, а децата од неухранетост“, вели Танкред Штубе од организацијата „Лекари без граници“. Може да се предвиди дека и на Јужен Судан уште многу години ќе му требаат огромни количества хуманитарна помош.

Автор: А. Дикханс / А. Јон / ДД / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска