1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголем религиозен собир во германската историја

16 август 2005

Вниманието на јавноста при Светскиот собир на католичката младина во Келн е насочено кон младината, но исто толку и кон новиот Папа. Ова е негово прво патување во странство по изборот и тоа ни помалку, ни повеќе туку во земјата од која потекнува. Почетокот на големиот меѓународен собир го коментира Карола Хосфелд.

https://p.dw.com/p/AcDL
Две монахињи од Келн гледаат како се поставува големата слика на Папата спроти Катедралата
Две монахињи од Келн гледаат како се поставува големата слика на Папата спроти КатедралатаФотографија: dpa - Bildfunk

Светските денови на младите во Келн се најмасовниот религиозен собир во досегашната историја на Германија. За него се пријавени преку 400.000 постојани учесници од 193 земји од сите делови на Земјината топка, а на завршната миса со Папата Бенедикт 16-ти се очекуваат и преку 1 милион учесници.

И овој Светски собир на католичката младина има свое мото, како и сите 19 досегашни. Но, сите теми во бројните тркалезни маси и дебати, на предавањата и во богослужбите се вртат околу централното прашање: како можам во денешниот свет да живеам како христијанин? Зашто, тоа подразбира одговорност не само за сопствениот живот што треба да се усклади со моралните принципи на христијанската вера, туку и одговорност за светот во кој живееме. Значи, како да се ангажирам за да се изборам за поправеден свет, за свет во кој ќе владее мир?

Кога велиме христијанин, тогаш на Собирот што почнува денеска се мисли пред се на католички христијанин. Вистина е дека и протестантите се срдечно поканети исто како и евреите и муслиманите, но духот што провејува низ целата манифестација е сосема јасно католички. Главниот тон го дава Централата во Рим. Како еден од бројните докази за тоа е важноста што и‘ се придава на исповедта. На Келнскиот Саем дури три огромни хали се оспособени за младите од целиот свет да можат да им го отворат срцето на свештениците и да ги исповедаат своите гревови. Малку кој може да си замисли дека тоа ќе го сторат и некатоличките младинци!

Ваквите светски собири на католичката младина всушност треба да ја манифестираат силата, пробивноста и се‘светскиот карактер на католицизмот. Не постои ниту една друга религиозна заедница што може да организира толку голем и толку интернационален собир на млади од целиот свет! И тоа на чело со Поглавар, кому одушевено му воскликнуваат стотици илјади млади. Тоа го правеа на средбите со починатиот Папа, кој имаше навистина посебен контакт со нив, а истото сигурно ќе го сторат и на средбата со неговиот наследник Бенедикт 16-ти.

Сето ова меѓутоа не може да се објасни со претпоставката дека има толкав голем број млади кои им припаѓаат на црквени заедници што го одгледуваат духот на верност кон Папата. Волшебниот збор и решението на загатката е напротив нешто друго: религијата да се претвори во ивент, во медиумски и културен настан. Ваквите настани впрочем се вистински тренд во светот, потврдува и една студија на научниците од Институтот во Вирцбург. Таквиот тренд многу добро и на време го насети претходниот Папа Јован Павле Втори и тоа уште пред 20 години. Светските денови на католичката младина имено се негов изум и на првиот таков собир во Рим 1986 тој ги повика младите да создадат нови структури насочени кон вистина, солидарност и мир, а против сите облици на потчинување. Таа порака ги запали срцата на младите и до ден денес ги пали. А внимателен поглед врз програмата на Собирот во Келн потврдува дека таа идеја е вткаена и овој пат. Праведноста во времето на глобализацијата длабоко ги засега младите.

Масовните сцени што затоа најверојатно ќе ги доживее Папата Бенедикт во татковината, меѓутоа не можат да ја прикријат реалноста. Католичката црква во Германија се бори со масовно истапување од членство, со недостаток на свештенички кадар, со негова застареност и со големи финансиски проблеми. Оптимистите се надеваат дека Светскиот собир ќе донесе и нови позивитни импулси на повторно заживување, барем меѓу младите во Германија. Но, таквите оптимисти се навистина голема реткост!