1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најиновативно германско претпријатие

5 септември 2010

Иновации како мотор на порастот - за германските фирми ова не е само фраза, туку реалност. Тие се успешни затоа што постојано работат врз развој на технологии, пронаоѓаат нешто ново. Фирмата „Рена“ важи за најиновативна.

https://p.dw.com/p/P00B
Поглед во просториите на РенаФотографија: DW-TV

„Срдечни честитки - нашиот иноватор на годината за 2010“.

Доделена е уште една награда. За претпријатието „Рена“ од југот на Германија, кое произведува машини за индустријата на соларни ќелии, но и техника за полупроводници, микросистеми и за медицина, признанијата веќе речиси и не се ништо посебно. Едно жири од професори по економија токму ја избра за иноватор на 2010 година. За раководството на фирмата ова не е причина за вообразеност.

„Мислам дека сега не треба да бидеме надмени. Мораме едноставно да продолжиме така и постојано да смислуваме нови работи, па ако пазарот позитивно се развива, да почнеме и да ги применуваме“, вели Јирген Гутенкунст, основач на претпријатието Рена.

Претпријатието е формирано пред 17 години во местото Гитенбах, со само илјада жители, во средиштето на Шварцвалд; тоа и денес таму произведува и истражува. Фирмата досега пријави преку 360 меѓународни патенти за пронајдоци. Само во последните 4 години на пазарот изнесе 100 новитети. Таа главно произведува производни постројки за соларната индустрија, на пример машина за правење врезови во соларните ќелии. Пронаоѓачите од фирмата ја смислија во 2003 година, а со неа претпријатието денес остварува една четвртина од приходите. Физичарот Норберт Биргер учествуваше во тоа од самиот почеток.

Frische Spaghetti aus dem Automaten
Најиновативното решение во 2005 година беа шпагетите од автоматФотографија: dpa

„Посебноста на овој процес е што имаме единствена постапка со која се прави врезување и на долната страна, како и на рабовите. Така, во еден процес се случуваат два процесни чекора“.

Револуција на секои две години!

Во оваа бранша конкуренцијата е силна. Затоа постројките мораат постојано да бидат преработувани и подобрувани. Но, пред се’ мора управувањето со нив да биде постојано поедноставувано.

„Во споредба со другите индустрии, ние мораме приближно на секои две години да донесеме некоја мала револуција, за да можеме да држиме чекор. Значи, иновативните циклуси кај нас се многу кратки“, нагласува Норберт Биргер.

Тоа досега добро функционира во фирмата Рена, оти е оставен и простор за такви активности. Една петтина од работното време им стои на располагање на соработниците за самостојно креирање, за развивање сопствени идеи. Најголемиот дел од идеите потоа и се реализираат. Само така и можат да се задржат во претпријатието вистински креативните луѓе.

Автор: Хаген Тобер / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска