Најмоќниот владетел во Европа

Францускиот претседател Макрон во своите први говори навести дека и тоа како ќе ги користи широките овластувања кои му ги дава Уставот. Моќта на претседателот е речиси неограничена кога има парламентарно мнозинство

Колкава е навистина моќта на претседателот на Франција се гледа и од описот на некои политолози кои функцијата ја нарекуваат „републикански монарх“ или „вршител на должноста крал“. Уште појасни се работите кога ќе се споредат со положбата на шефот на германската држава. Германскиот претседател „достоинствено“ ја претставува Сојузната Република во земјата и во странство, држи говори, но не смее да се меша во партиската или дневната политика. Циниците затоа го нарекуваат претседателот Grüßaugust- варијација на глупав Август (најглупавиот кловн), а се користи за означување на портири или хостеси на приеми чија единствена задача е да ги поздравуваат гостите и со сите да бидат љубезни. На македонски би се рекло: икебана или фикус.

Концентрирана моќ
Од друга страна, моќта на францускиот претседател е поголема од било која друга земја во Европа. Претседателот ја одредува надворешната политика и е врховен командант на оружените сили. Самостојно одлучува за употребата на атомското оружје. Наспроти тоа, германскиот Бундесвер е ткн. парламентарна армија- во мирновременски услови за употреба на оружје и армијата одлучуваат министерот за одбрана и Бундестагот. Само во кризни ситуации за тоа смее да одлучува канцеларот.

Работната маса на францускиот претседател


Францускиот претседател исто така предводи делегации на сите важни меѓународни средби. Одлучува инокосно и доделува акредитиви на амбасадори во странство. Исто така ги именува и претседателот на владата и министрите. Може и да го распушти парламентот и да распише нови избори.
Надлежностите на францускиот претседател преоѓаат и на судската власт- тој именува судии на Уставниот суд, но не и неговиот претседател. На тој начин, тој ги контролира и оние кои одлучуваат дали законите се во склад со Уставот.

Здодевна кохабитација

Со оглед на тоа што францускиот претседател е избран од „народот“, тој не мора многу да се грижи ниту за својата матична партија. Но, неколкупати во повоена Франција се случи премиерот да добие поголемо значење доколку доаѓа од спротивставениот табор, односно кога има мнозинска поддршка во парламентот. Во такви случаи, и моќниот претседател мора да прави компромиси. Но, Емануел Макрон засега не мора да се грижи за тоа, затоа што има јасно мнозинство во парламентот.

Елисејската палата во Париз


Во последниот период се отвори нова дискусија околу, речиси, неограничената моќ на жителот на Елисејската палата. Критиките, за волја на вистината, помалку беа принципиелни, а повеќе теоретски- што ќе се случи, се прашуваа многумина, доколку Марин Ле Пен стане претседател? Во минатото, во неколку наврати беше кратена моќта на претседателот: во 2008 беше сменет Уставот со цел Уставниот суд да добие поголема независност. Во 2002 беше скратен мандатот на шефот на државата од седум на пет години, на иницијатива на тогашниот шеф на државата Жак Ширак.
Импресивен вински подрум

Претседателот има годишна плата од 240 илјади евра, но никому не полага сметка за дополнителните финансиски и други погодности. Живее во Елисејската палата, а воглавно се храни на сметка на државата. Во палатата може да ужива и во благодетите на импресивниот вински подрум со 15 илјади шишиња најдобро вино- само француско. Франсоа Оланд наводно доби пофалби од државните ревизори затоа што заштедил милиони евра на вино и гостување на високи гости. Но и заштедата е релативна работа- буџетот на претседателот е двојно повисок од оној на англиската кралица.

Now live
01:06 минути
Теми | 08.05.2017

Победа на Макрон

Следете нѐ