1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најпрочуениот божикен панаѓур во Германија

Н.Штегнер/ С. Недевски19 декември 2013

Пред големиот христијански празник во центарот на сите германски градови има божиќен панаѓур. Еден од најстарите меѓу нив е оној во Нирнберг чии почетоци се уште во 17. век.

https://p.dw.com/p/171XC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сѐ започна во 1628 година. Дрвената кутија од Германскиот национален музеј во Нирнберг важи за најстар доказ за Нирнбершкиот божикен панаѓур. Во неа се наоѓаат плетенки од свилен конец, кои некогаш биле скапоцен подарок. На задниот дел пишува дека се испратени по повод т.н панаѓур на малиот Христос во 1628 година. Најстарите слики прикажуваат штандови со божикни производи како прочуените позлатени ангели и детски играчки. Привлечната моќ на панаѓурот била голема од самиот почеток. Етнологот Сузане фон Гесел Штајнман е водич во Германскиот национален музеј и веќе 15 години се занимава со историјата на најпрочуениот германски божикен панаѓур.

„Постојат документи кои датираат уште од крајот на 17. век, некаде меѓу 1690 и 1697 година во кои се опишува панаѓурот каков што го познаваме и денес, значи со наплив на луѓе кои дошле да разгледуваат и да купуваат“, вели Гесел Штајнман.

Панаѓурот во рацете на нацистите

Bildergalerie Adventskalender 1935
Фотографија: picture-alliance/dpa

На крајот на 19. век панаѓурот загубил во значење и поради растечкиот патен сообраќај бил истиснат од централниот пазар во Нирнберг. Тоа повторно се променило дури во 20 век.

Во 30-те години власта во Нирнберг ја преземаат нацистите. Новиот градоначалник сакал градот да го направи олицетворение на германсиот Божик. Панаѓурот со куќарки повторно е вратен на централниот пазар. Организирана е помпезна церемонија на отворање. Над порталот на Црквата на мајката божја за првпат се појавува малиот Христос од крв и месо. Во говорите беа величани Нирнберг и Адолф Хитлер.

И позлатените ангели требаа целно да бидат продавани како божикни симболи на Нирнберг. Тие настанале во 18. век, направени од тенки фолии од месинг со златен сјај.

„ Кога ќе се допреле, тие ангели едноставно шушкале толку тивко и таинствено. Само затоа што биле сосем кревки и многу тенко исковани“, објаснува етнологот Гесел Штајнман.

Во последните години на Втората Светска Војна и непосредно по неа во градот немаше божикен панаѓур. Нирнберг беше срамнет со земја.

Небески дар за Нирнберг

Дури во 1948 година беа расчистени доволно урнатини за да може да се одржи панаѓурот. Со разурнатиот Нирнберг во заднина тоа беше сенишна глетка. Божикен панаѓур како зрак надеж среде катастрофата. Токму како и малиот Христос, кого го глумат жени од градот.

Nürnberg Altstadt Christkindlesmarkt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во наредните децении , во таа улога тие дури станаа и амбасадорки на Нирнберг. Иако во меѓувреме многу ангели и светци се населени на божикните панаѓури, малиот Христос од Нирнберг и натаму е најбаран. Ликот на малиот Христос, кој носи дарови за Божик, го измислил евенгелистичкиот реформатор Мартин Лутер. Сузане фон Гесел Штајнман раскажува: „Тоа беше навистина вешт потег на Мартин Лутер. Тој ги укинал светците, па наместо Свети Никола му требало некој кој ќе им носи подароци на децата. Се одлучил тоа да биде малиот Христос. А со оглед дека малиот Исус како бебе не би се сфаќал сериозно, тој смислил дека треба да се прикаже малку постар“

Од 70-те години наваму малиот Христос се избира на секои две години. Таа улога во меѓувреме стана функција со полно работно време и многу каритативни задачи. Медиумската помпа е голема, а Нирнберг привлекува милиони туристи. Од комерцијална гледна точка, божикниот панаѓур до денес е небески дар за Нирнберг.