1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Најтежок удар за човековите права во целата досегашна историја на САД"

18 октомври 2006

Она што ЦИА веќе го прави во тајните затвори ширум светот – сега доби правна основа. Претседателот Џорџ Буш вчера свечено го потпиша новиот закон, што ги одобрува меѓу другото “тврдите методи“ на испитување на заробениците од борбата против тероризмот. Со овој закон создадена е легална подлога и за воените трибунали во озлогласениот затвор Гвантанамо на Куба.

https://p.dw.com/p/AdwO
Американскиот претседател Џорџ Буш
Американскиот претседател Џорџ БушФотографија: AP

Новиот закон стана неопходен откако Врховниот суд на САД во јуни го оцени однесувањето кон заробениците во Гванатамо како нелегално. Таму имено веќе со години се затворени лица осомничени за членство во терористичката мрежа Ал Каеда. Нивната вина не е докажана пред ниту еден суд, немаат право на жалба пред американските цивилни судови и згора на тоа се подложени на разни методи на измачување.

Сега меѓутоа американската администрација се погрижи да создаде и соодветна законска основа за ваквата практика. Претседателот Џорџ Буш со помпа и со гордост го стави вчера потписот под спорниот документ:

“Ова е ретка прилика, во која Претседателот може да потпише закон, за кого знае дека ќе ги штити животите на Американците. Денеска имам таква чест.“

Новиот закон забранува сурови и невообичаени казни на затворениците при сослушувањето, но исто така:

“Ги штити нашите војници и тајни агенти од тужби на терористите кога само си ја вршат нивната задача.“

Според американскиот претседател новиот закон е многу важен во борбата против теропризмот и сосема е во склад со принципите на Женевските конвенции. Токму во второто се сомневаат борците за граѓански права, бидејќи законот му дава право на американскиот претседател да ги толкува конвенциите според сопствено мнение. Законот исто така дава правна основа за воените трибунали во Гвантанамо:

“Тоа ќе бидат фер процеси, што како појдовна основа ја имаат невиноста на обвинетите. Тие ќе имаат пристап до адвокати, како и до доказите против нив.“

Буш во оваа пригода не спомна дека затворениците во Гвантанамо и понатаму немаат право на тужба пред некој американски цивилен суд против фактот што се затворени без легална процедура. Поради тоа можно е и овој закон наскоро да се најде на разгледување пред американскиот Врховен суд. Организацијата за заштита на човековите права “Американска унија за граѓански слободи“ оцени дека вчера потпишаниот закон е најтежок удар за човековите права во целата досегашна историја на САД.