1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најтрнливото прашање останува нерешено

29 јуни 2010

Билатерални спорови не можат да бидат дел од Копенхашките критриуми за членство во ЕУ, истакна за ДВ, шефот на македонската дипломатија Милошоски по денешната средба во Брисел со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

https://p.dw.com/p/O5vd
Антонио МилошоскиФотографија: AP

Македонија, вели шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, напорно работи на европските реформи. На еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска тој му го презентирал напредокот на земјата во разни области, од малцински права, до судски реформи, преку економските прашања. Но, најтрнливото прашање останува нерешено, а тоа е спорот за името, и несомнено тоа ќе се најде на маса на 20-ти јули.

За Македонија, билатералната блокада останува непринципиелна, но е реалност, вели министерот во интервју за Дојче веле: „Билатералните спорови според Европската комисија и според досегашните искуства во процесот на проширување не можат да бидат дел од Копенхашките критериуми. Тоа е позиција која самите Копнехашки критериуми прилично добро ја утврдуваат. Но, во исто време и по словенечко-хрватскиот случај и во однос на други случаи станува јасно, дека политички наметнатите билатерални прашања, сепак можат да влијаат врз политичките одлуки. Тоа е сосема јасно и затоа правиме напори ова прашање да се надмине, но истовремено доколку направиме споредба со другите земји ќе беше многу апсурдно доколку Словенија не овозможеше Хрватска да започне преговори за прашањето кое го решија додека Хрватска веќе преговараше. Таквиот начин и пристап е покредибилен и подалекувид, за разлика од грчкиот.“

NO FLASH Mazedonien EU Flagge
Фотографија: AP

Според министерот за надоврешни работи, Грција не е најконструктивната страна: „Мислам дека е прелесна квалификацијата од грчка страна да се тврди, дека другата страна е помалку конструктивна, тоа е сторија која ја слушаме подолги години наназад и можеби е дел од тактиката да се префрли одговорноста или вината за било каков евентуален неуспех на другата страна. Истовремено сметам дека изјави на премиерот Папандреу, настрана овие изјави за меѓународна употреба, укажуваат дека Грција е уверена дека Македонија е исто, можеби и повеќе, заинтересирана овој апсурден, долготраен и ирационален спор кој го наметна Грција, дека треба да се надмине.“

Македонија требаше вчера да добие зелено светло од Атина за преминување во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, нешто што Грција го блокира речиси една година од политички причини. Деблокирањето не се случи, очигледно е дека Атина чека посилни гаранции од македонска страна во решавањето на спорот за името.

Советот ЕУ-Македонија ќе се одржи на 20-ти јули, тогаш ќе стане јасно во која насока оди Македонија, а ќе се исцртаат и контурите на претстојниот есенски извештај на ЕК во реформскиот дел. Опасност од назадаување се’ уште постои.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска