1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На британските ученици им се потребни странски јазици

Бригит Мас / Александар Методијев29 јануари 2014

Годинава ќе има нов наставен план во Велика Британија. Основците ќе мораат да учат странски јазик. Британски родители сметаа дека нивните деца доцна почнуваат да учат странски јазик, па отворија двојазично училиште.

https://p.dw.com/p/1AkEe
Duden Kinder lesen Schule Bildung Sprache Rechtschreibung Deutsch Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Првачиња во едно британско училиште можат речиси перфектно да разговараат на германски за времето, иако многу од нив од пред кратко време учат германски јазик. Училиштето „Џудит Кер“ на југот на Лондон е исклучок во Велика Британија. Тоа е двојазично училиште. Најмалку 20 проценти од материјалот се учи на германски.

Питер Џонсон, заедно со останатите родители, го основа ова училиште, бидејќи во негова близина нема друго со настава на германски. Сега тоа е поддржано и од државата.

„Јас сум пораснат двојазнично, учев и други јазици, па сметав дека тоа е лесно е тоа да се направи и уживав во интелектуалното унапредување преку учењето јазици. Сметам дека тоа е многу добра работа и сакав да ја прават и моите деца“, вели Џонсон.

Училиштето „Џудит Кер“ е отворено минатото лето, но веќе сега има повеќе кандидати отколку слободни места. Некои родители и самите учат германски за да можат да помогнат при домашните задачи - сосема ревносно, наутро, пред почетокот на часовите.

Kinder lesen Plattdeutsches Buch in Flensburg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тие сакаат на своите деца да им дадат шанса каква што самите немале. Притоа не е најбитно што токму германскиот јазик е во фокусот. Главно е што добро ќе владеат некој странски јазик.

„Нашата ќерка беше среќна во претходното училиште, но ја преместивме овде токму поради странскиот јазик. Според мое мислење, во британските училишта него го воведуваат предоцна. Сакавме таа целосно да навлезе во јазикот“, објаснува една британска мајка.

„Во Велика Британија странските јазици традиционално се третирани како дополнение, па и не се вистински интегрирани во општото образование“, додава еден татко.

Кармел О’Хеген е школски советник во областа на јазиците. Британските ученици ги сметаат странските јазици за тешки. Тоа може да се промени само ако децата почнат да го учат јазикот на рана возраст и преку игра, вели о’Хеген.

„Станува збор за предрасуди кон јазиците и другите земји, кои се се’ посилни, како децата растат. Така станува потешко да ги натерате да зборуваат друг јазик и да учат за другите земји“, вели О’Хеген.

Во новава година ќе има и нов наставен план за државните училишта во Велика Британија. Во иднина сите основци ќе мораат да учат странски јазик, иако помалку интензивно отколку во училиштето „Џудит Кер“.

„Има бројни училишта кои нудат мандарин и други јазици - француски и шпански. Сметам дека ова ќе биде почеток на се’ понагласено значење на учењето јазик од рана возраст“, вели учителката Башија Лубачевска.

За малите професионалци по германски јазик во училиштето „Џудит Кер“ е значајно што тие подноцна во повисокото образование ќе можат да ги прошират своите знаења. Досега понудата во нивната околина е сепак ретка.