1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Далечниот исток за поблиски односи

12 ноември 2009

Американскиот претседател Барак Обама денеска ја започнува својата прва азиска турнеја. Обама пред себе има богата агенда која опфаќа посети на речиси целиот регион, од Токио до Сингапур, Шангај и Пекинг, до Сеул.

https://p.dw.com/p/KU74
Од турнејата во Азија очекува политички и економски придобивки - Барак ОбамаФотографија: AP

За турнејата на Барак Обама во Азија, заменикот-советник за национална безбедност Бен Роудс вели: „Една од главните пораки на претседателот Обама е дека САД имаат намера во тој регион да ја преземат главната улога за низа теми.“

Џефри Бејдер, кој е член на Националниот совет за безбедност надлежен за источна Азија, додава: „Општ впечаток во регионот е дека американското влијание во последните години опадна, додека кинеското зајакна.“

Причината за тоа, според Бејдер, е зафатеноста на САД со другите светски трусни подрачја: „Додека Азија добиваше на значење, САД на разни фронтови беа зафатени со војната против тероризмот.“

Затоа, администрацијата на Обама има намера во Азија да ги зајакне старите и да создаде нови сојузништва, водејќи притоа сметка и за тамошните чувствителности. Бејдер вели: „Народите во сојузничките земји во Азија го поддржуваат партнерството, но сакаат да се слушне и уважи и нивниот збор и на нивните територии да има помалку американски војници. Затоа ќе го реорганизираме присуството во Јужна Кореја и Јапонија.“

Економијата во прв план

Бејдер прецизира дека тоа не значи и целосно воено повлекување од тие две земји.

САД се заинтересирани не само за добри политички, туку и за економски односи, бидејќи повеќе не сакаат таму само да купуваат, туку и да продаваат, вели советникот за економски прашања Мајкл Фроман.

„Претседателот е заинтересиран за избалансиран стопански раст на земјите од тој регион, и да ги отворат своите пазари за да можеме таму да извезуваме и да отвориме нови работни места во САД“, вели Фроман.

Се планира и унапредување на односите со Кина која има голема улога во решавањето на глобалните проблеми - економската криза и заштитата на климата, како и во судирите во Авганистан, Пакистан, со Иран и Северна Кореја.

Автор: Кристина Бергман / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска