1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На диктаторите не им е до смеа

Ананда Граде / Елизабета М. Фиданоска2 јуни 2013

Авторитарните владетели не сакаат шега на своја сметка. А, сепак, комичарите се потсмеваат со нив. Храбар отпор, кој ужива голема почит во светот.

https://p.dw.com/p/18iY0
Фотографија: crimson/fotolia.com

Ги нема многу, но ги има - комичарите кои се во состојба да го издржат големиот притисок на власта. Еден од нив е особено издржлив. Хуморот е негова заштита и оружје. Комичарот Зарганар од Бурма, денешен Мјанмар, мораше да ги издржи најострите казни за време на воената хунта, која во неговата земја владееше од 1962 до 2010 година. Народот го сака до денес поради неговите лукави шеги. Сега, на негова иницијатива, се создава Институт за уметност, култура и медиуми, кој би требало да им дава поттик и поддршка за работа и на други комичари.

„Зарганар“, чие граѓанско име е Маунг Тура, значи „пинцета“. Тој со години ја „пецкаше“ воената хунта: „Американецот вели: Еден наш без нога се има искачено на Монт Еверест. Англичанецот вели: Еден наш без рака го има препливано Атланскиот океан. На тоа Бурманецот вели: Тоа не е ништо! Кај нас веќе 18 години владее човек без мозок!“

Zarganar Komödiant aus Myanmar
ЗарганарФотографија: picture-alliance/dpa

За вицови како овој Зарганар во 2008 година беше осуден на казна затвор со траење до 59 години. Во годините претходно исто така добиваше забрани за настап, затворски казни, беше измачуван. Но никогаш не престана да ја исмева владата. А неговата насмевка е заразна. Дури и кога го носеа во затвор окован, тој пред своите фанови, собрани пред затворот, правеше шеги.

Со поддршка на Амнести Интернешнл Зарганар беше ослободен во 2011 година. И продолжи да се шегува и бунтува.

Играње со оган

Зошто комичарите мора толку да страдаат во авторитарни режими? Зошто вицот предизвикува такви реакции? Реномираниот социолог, професор Антон Ц. Зијдервелд, стана познат со своето дело „Социологија на хуморот“. Тој истражи каква е улогата на хуморот во општеството. „Хумористот си поигрува со вредностите во едно општество. Тоа создава напрегнатост од која се создава виц.“ Играњето со крутите вредности на еден режим е како играње со оган. Според Зијдервелд, политичкиот хумор можеби не може да го промени општеството, но неговиот „психолошки ефект е важен“. „Затоа хуморот во еден режим е толку тешко казнуван, затоа што се сака да се спречи зајакнување на опозицијата“, подвлекува професорот.

Syrien Ali Ferzat Karikaturist
Али ФерзатФотографија: BERIT/AFP/Getty Images

Во Египет сатиричарот Басем Јусеф е оној кој го засмејува народот со шеги на сметка на власта. Јусеф на ЈуТјуб веќе го пародираше военото раководство на Мубарак, а денес на неговата мета е владата на Мурси во ТВ-шоуто „Ал Барнамег“ („Програма“). Тој и денес е редовно сослушуван и обвинуван со образложение дека со своите вицови „го навредува исламот“.

Сириската влада оди уште понатаму. Карикатуристот Али Ферзат во 2011 година беше претепан од луѓе на владата, му беа скршени прстите за да му се „даде лекција“. Обвинението гласи - со своите карикатури Али Ферзат го навредува претседателот Асад. Откако рацете му беа излекувани, Али Ферзат продолжи да црта, повеќе од кога и да е досега. Во меѓувреме тој живее во Кувајт.

Тајното оружје на секој комичар

Само малку луѓе во светот имаат сила и талент да го насмеат народот со ужасните состојби во земјите каде што живеат. Кабаретистот Фатих Чевикколу има голема почит за своите колеги во странство, кои со својот хумор му се спротивставуваат храбро на режимот: „Смеењето е најдобрата форма на ’покажување заби’. Има само малку луѓе кои пружаат отпор, кои не сакаат да им биде забрането да размислуваат со своја глава и кои ги ценат повеќе човечките вредности отколку доктрината на режимот“, вели Чевикколу. Тој во својата програма ја става под лупа германската влада, но за тоа не е соочен со негативни последици. „Во други земји тоа е многу потешко, на пример во Турција, каде политичките коментари за системот може да бидат опасни, зашто може да се биде затворен или да се добиваат закани, или и едното и другото.“

Fatih Cevikkollu
Фатих ЧевикколуФотографија: Fatih Cevikkollu

Но дури и најсилниот хумор некогаш завршува: „Кога станува навистина строго, кога луѓето страдаат, тогаш и хуморот се намалува. Во тоталитарни системи како Северна Кореја, политичкиот хумор е сосема забранет, таму такво нешто нема“, објаснува Зијдервелд.

Во Кина, во меѓувреме, карикатуристите на мрежата се присутни анонимно. Тие не се потпишуваат ниту со уметнички имиња. Така е и со познатиот интернет-карикатурист „Фенгшие“ кој досега успева постојано да им избега на оние кои го цензурираат интернетот.