1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа не и’ се потребни нови граници

Кристоф Хаселбах; Превод: Зоран Јордановски12 септември 2014

Она што долго време беше незамисливо, станува замисливо: Шкотска би можела да стане независна држава. Но, на Европа не и’ се потребни нови граници, смета Кристоф Хаселбах во коментарот на оваа тема.

https://p.dw.com/p/1DBFU
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb/S. Görlich

Некој има намера да подигне ѕид - во преносна смисла. Водачот на шкотските националисти Алекс Салмонд, се разбира, не сака стариот Хадрианов ѕид (113 километри долг ѕид и насип во близина на денешната граница меѓу Англија и Шкотска, подигнат од римскиот император Хадриан во 2 век од нашата ера, за заштита на областа Британија од доселување на ирски и шкотски племиња, н.з.)да го претвори во непробојна граница, но сака сопствена држава - а таа само по себе разбирливо повторно би имала вистинска меѓудржавна граница со Англија. Се’ едно колку таа граница би била пропустлива, таа ментално, но и во практичното секојдневие би го раздвојувала она, што меѓусебно си припаѓа повеќе од 300 години.

А, Шкотска можеби би била само почеток. Ако Шкотланѓаните добијат своја сопствена држава, зошто Шпанија не би им дозволувала независност на Каталонците и Баскијците? Зошто Фламанците не би се одвоиле од Белгија - што е посебно тежок случај, оти Фландрија е економски посилниот дел, кој има и побројно население, а другиот дел - Валонија, сам одвај дека би можел да опстане. Значи, што би се случило со Валонија? Можни се и натамошни ментални игри: Ќе дојдат ли некогаш Баварците на идеја буквално да го сфатат името на покраината - Слободна Држава Баварија, па дури и да воведат патарина за Прусите? Слобода за Јужен Тирол, за Бретања?

Во прашање всушност се само парите

Прекорот за угнетеност во многу од спомнатите области беше оправдан пред повеќе децении или векови, но денес веќе не. Ни на културен план денес Лондон не им подметнува никакви пречки на Шкотланѓаните. Тие одамна дури повторно имаат и свој парламент. Слична самостојност веќе имаат и Каталонците. Можат и уште повеќе да се зголемат овластувањата на регионите за донесување решенија, како што вети - многу, многу доцна - британскиот премиер Дејвид Камерон. Но, денес во ЕУ веќе нема потреба од сопствена држава за да може некоја заедница да се докаже во рамките на една севкупна нација.

Christoph Hasselbach
Кристоф Хаселбах, уредник во Дојче веле и автор на коментаротФотографија: DW/M.Müller

Од друга страна, финансиската криза покажа: кога станува „густо“, референтните рамки ги гради прво националната држава, а не ЕУ. Патем, од британската помош профитираше и „Кралската банка на Шкотска“. Останува само прашањето за парите, кои наводно на неприфатлив начин се одлеваат од Шкотска кон Лондон. И, се чини, дека е тоа решавачкото - во Шкотска, како и во Фландрија и Каталонија: еден релативно богат регион сака да го задржи за себе своето богатство, наместо тоа од една централа да биде распределувано за сите. Но, може ли врз тоа да се гради правото за своја сопствена држава?

Многу отворени прашања

Економскиот аргумент и онака е на несигурни нозе. Оти, ако Шкотска се одвои од остатокот на Обединетото Кралство, тоа би ги ослабело обете страни. Две одвоени дипломатски служби, две армии, две управи на сите нивоа чинат повеќе, отколку единствените - како досега. Независноста би повлекла и многу поединечни прашања, за кои досега уште нема одговор.

Ќе смеат ли да задржат британско државјанство оние што ќе останат да живеат во Шкотска? Како ќе бидат распределени заедничките претпријатија, како државните долгови? Која валута ќе ја има новата држава? (Салмонд сака да ја задржи англиската фунта, Лондон го исклучува тоа). Дали независна Шкотска безусловно ќе може да пристапи кон НАТО и ЕУ? (Досегашниот претседател на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо рече дека Шкотска би морала да го помине вообичаениот пристапен процес и тогаш една единствена држава, на пример Велика Британија или Шпанија, би можела со вето да го спречи пристапувањето).

Мал внатрешен пазар

Иако со добра волја сигурно би можеле да се решат сите поединечни прашања, и самата несигурност веќе денес ги оптоварува фунтата и севкупната британска економија. При „ДА“ за независност би имало повеќемесечна, ако не и повеќегодишна преодна фаза со вистински силни турбуленции. Зошто сето тоа? И, уште еднаш во врска со ЕУ: предноста што ја има ЕУ дури и во очите на евроскептичните Британци, е единствениот внатрешен пазар, слободата на движење на луѓе, претпријатија и капитал во рамките на Унијата.

Многу подобро отколку европскиот внатрешен пазар функционираат малите национални внатрешни пазари, на пример британскиот - меѓу Шкотска и остатокот од Обединетото кралство. Попречувањето на таа слобода со нови граници би значело враќање назад, кон времето на мали државички. На Европа не и’ требаат нови граници. Драги Шкотланѓани, Хадриановиот ѕид е стар речиси 2.000 години и спаѓа во светското културно наследство. Доволно е ако тој остане туристичка атракција.