1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Западен Балкан му треба европска перспектива

Нада Штајнман17 октомври 2006

Интервју со Валтер Колбо,потпретседател на фракцијата на СПД во Бундестагот,кое го водеше Нада Штајнман

https://p.dw.com/p/Adbh
Валтер Колбо (во средината на фотографијата)
Валтер Колбо (во средината на фотографијата)Фотографија: dpa

-Господине Колбо, се сретнавте со македонскиот премиер. Што беше тема на разговорите?

„Разговаравме за приближувањето на Македонија кон ЕУ и кон НАТО, од аспект на преговорите за прием и добивање термин за нивен почеток. Ние изразивме поддршка за таквото барање, затоа што знаеме дека на земјите од Западниот Балкан им треба европска перспектива, тие се дел од Европа. Затоа го охрабривме премиерот со голема истрајност да продолжи по патот што го започнал.“

-Германскиот Бундестаг минатата година имаше иницијатива за олеснување на проблемот со името меѓу Македонија и Грција.Дали по ова прашање има нешто ново?

„Да, зборувавме и за тоа, премиерот уште еднаш ја поздрави иницијативата на германскиот парламент од минатиот легислативен период, да се изврши влијание врз владата во Берлин, таа да се заложи за користење на името Македонија. Ние од гледна точка на парламентот уште еднаш ја потврдивме таквата иницијатива и ќе го бараме тоа од нашата влада и понатаму. “

-Вие господине Колбо бевте во Македонија кога таму имаше криза,каква беше улогата на Бундесверот и како денес ја оценувате ситуацијата во Македонија?

„Ситуацијата во Македонија е стабилна и мирна. Безбедносната состојба е со тоа задоволувачка и од таа гледна точка го поздравуваме ориентирањето на новата влада кон економската состојба во земјата, кон отстранувањето на сивата економија, борбата против корупцијата, како и против невработеноста. Сметам дека Македонија е во состојба да ги заврши овие „домашни задачи„ и со тоа да си го забрза патот во ЕУ. “

-Како денес ги оценувате односите меѓу Македонците и Албанцитево мултиетничка Македонија?

„Македонија со нејзината интер-етничка концепција стана пример за соработката меѓу етничките групи на Балканот. Затоа е важно тоа да се земе предвид и Македонија да може да се стекне со членство во ЕУ.“

-Нерешениот статус на Косово создава проблеми,кога според Ваше мислење може да се очекува решение?

„И тоа беше предмет на нашите разговори, го замоливме македонскиот премиер за негова проценка на ситуацијата. Знаеме дека одлуката на Виенските преговори мора да дојде брзо. Исто така и дека не можеме да сметаме со билатерална спогодба меѓу Косово и Србија, што значи дека е на потег меѓународната заедница. Нашите надежи затоа се насочени кон Виена, овде не можам да кажам ништо за можниот исход, тоа треба да го оценат водачот на преговорите Марти Ахтисари, како и делегациите од Белград и Приштина. Она што можам да го кажам, тоа е дека ни е потребно брзо решение.“

-Вие сте заменик претседател на фракцијата на Социјалдемократската партија,новата македонска влада е од редовите на христијанските партии,каква ќе биде соработката со новата влада?

„Ние ги претставуваме и земјите и поради тоа важи правилото дека треба добро да соработуваме. Посетата на Берлин беше прва посета на македонскиот премиер Груевски во странство, освен посетата на Брисел претходно. Тоа за нас не е само чест, туку и претпоставка за натамошни добри односи, независно од партиската припадност. Полн сум со оптимизам дека многу добро ќе соработуваме, иако можам веднаш да кажам дека ние секако нема да ја запоставиме ни актуелната опозиција во Македонија.