1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Илинден – славење само во Македонија!

Силвера Падори-Кленке2 август 2012

Македонците од Берлин кои за празникот остануваат во Германија, и годинава двата Илиндена ги одбележуваат скромно: без приеми и помпезности, и исклучиво во семеен амбиент.

https://p.dw.com/p/15hfA
Фотографија: DW/Padori

„Каде и да си – за Илинден, дома, во Македонија - да си!“. Овој слоган бил и се’ уште е пракса на многумина Македонци од првата, а сега и од втората генерација, кои живеат во Берлин. И тоа од едноставна причина - двата Илиндени се поклопуваат со финиширањето на летниот распуст во училиштата и годишните одмори, така што традиционално во изминативе децении, нашите луѓе со семејствата во ова време биле или се во татковината.
Слободанка Ковачки која 28 години живее и работи во Берлин за ДВ вели дека годинава за првпат за Илинден нема да биде во Македонија. Илинден е на 2. август и традиционално и таа, а и сите оние кои имаат школски деца, до 4 – 5 август се на одмор во Македонија. „Таму нашите луѓе со своите семејства, родинини и пријатели си го слават Илинден.Ова беше практика и на моето семејство. Но, мојот син е веќе студент кој веќе е на одмор во Македонија, а ние патуваме викендот. Затоа ми е жал што еве сега првпат ќе го „прескокнам“ македонскиот Илинден. Ова значи дека четврток, 2 август за мене и за сите оние кои се во Берлин е нормален работен ден“, кажува Слободанка Ковачки.

Други времиња!

Наташа Ристовска, од првата генерација Македонци во Берлин, вели дека порано Илинден повеќе се славел. Особено во времето кога функционирал Клубот „Гоце Делчев“ и кога Македонците од првата генерација биле помлади. За Илинден редовно имало собири – се распалувала скара, се дружело, се контактирало. Сега, како подвлекува Наташа, „оние исти луѓе од младоста, како да се смениле. Никој со никого не контактира, сите се свртени само кон потесното семејство“. Можеби и времето е подруго, но неа и недостигаат тие дружења меѓу Македонците. Вели „ сега како да нема луѓе - никој никого не посетува, ретко меѓусебно се среќаваме, па и за Илинден - нема со кого и каде да се соберете и да празнувате“.
И Душко Лазаревски, претседател на Црковната општина смета дека главната причина за неодбележувањето на Илинден е тоа што празникот е среде лето. Дополнува дека порано, оние кои ќе се погоделе во Берлин се организирале и преку фудбалскиот клуб, но ете сега – се’ останува на самоницијативата, добрата волја и желбата на луѓето. „Оние кои се врзани и за црковното празнување и кои го носат името на светецот (Св. Илија) сигурно дека дома ќе си ги испочитуваат сите адети“,уверен е Душко Лазаревски.

Без прослава и во Амбасадата

Дека за двата Илиндени нема да има прослави и помпезности ни потврдија и од македонската амбасада во Берлин. Образлагаат дека со оглед на летото и до сега немало пракса на Илинден во Берлин да се организираат некакви свечености. Како што велат - така ќе биде и годинава, зашто празникот се поклопува со одморите.
Кога се во прашање празниците и нивното одбележување, независно од „дипломатскиот тим“, во Берлин акцентот редовно се ставал на Денот на независноста 8 септември. Имало помали или поголеми приеми. За волја на вистината, еден од празниците по чиј повод во амбасадата на Македонија во Берлин повеќепати имало скромни, но навистина убаво организирани коктели бил Денот на македонската армија (18 август). Како ќе биде, меѓутоа, годинава со овие празнувања не се знае, зашто не е тајна дека штедењето е приоритет и во дипломатските преставништва, што значи - подеднакво е засегната и амбасадата во Берлин!

Mazedonische Feier in Berlin
На Наташа Ристовска и недостигаат дружењата и поразнувањатаФотографија: DW