1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На кафе со салафистите

Наоми Конрад/Б. Георгиевски14 јануари 2013

Германската служба за безбедност предупредува на опасноста од радикалната салафиска сцена која делува во Бон и Келн. Нашата авторка седна на кафе со тројца припадници на таа сцена. Тие тврдат дека не се радикални

https://p.dw.com/p/17JP2
Фотографија: dapd

На една бензинска станица во Бон се среќаваме со тројца мажи облечени во тренерки. Ова е местото за средба за закажаното интервју со двајцата салафистички проповедници. Во минута по 17 часот се појавува еден маж:

„Да, ние сме радикални“, вели и се смее. „Радикално сме точни“, дополнува 20-годишникот со целосно избричена глава.

Не ми пружа рака за да се поздрави: „Мора да разберете“, вели. Непружањето рака за поздрав во западниот свет се сфаќа како навреда, но неговата строга интерпретација на исламот не му дозволува да се ракува со жена.

Тој ми објаснува дека разговорот со проповедниците ќе биде сниман: „Така е посигурно за тебе, а и за нас“. Двајцата свештеници седат во кафулето кое се наоѓа спротив бензинската станица. Постариот од нив, Ибрахим Абу Наги си го меша кафето, а помладиот Абу Дујан си игра со неговиот Ајфон.

Тие двајца се „салафистички проповедници кои се опасни“- тоа ми го кажа еден портпарол на Службата за заштита на уставниот поредок во Северна Рајна Вестфалија, пред овој разговор. Еден експерт од Универзитетот во Оснабрик таквата изјава ја релативизира: „Точно е дека се ултраортодоксни, но опасни? Не баш“, вели експертот Елкахам Сухни. Тој работи на Институтот за исламска теологија во Оснабрик.

Salafisten Islamisten in Deutschland polzei Festnahme
Апсење на радикални салафисти во ЗолингенФотографија: picture-alliance/dpa

„Вистински ислам“

Салафизмот е конзервативна струја која се базира на раниот ислам - од времето на божјиот пратеник Мохамед. „Подоцнежните правни одлуки и толкувања, салафизмот ги отфрла“, вели Сухни.

„Вистинскиот ислам“, така го нарекува свештеникот од Бон, Ибрахим Абу Наги. Себеси тој се опишува едноставно како муслиман. Не сака да го нарекуваат салафист.

„Тоа е израз кој медиумите и политичарите го користат за да ги поделат муслиманите“.

Според проценките на Службата за заштита на уставниот поредок во Германија во моментов има околу 3.800 салафисти, а тенденцијата е во пораст. Само едно малцинство заговара насилство. Салафистите подготвени на насилство се „малцинство во малцинството“, вели експертот Сухни. Од трите салафистички групи таа е најмалата. Покрај нив постојат и ултраортодоксни: „Жените носат бурки, а мажите долги фустани“. Тие живеат во паралелен свет, вели Сухни. На крајот постои и групата која ја предводат Абу Наги и Абу Дујан „која е забележлива во последно време затоа што се занимава со мисионерство“, објаснува Сухни.

Salafisten in Deutschland Islam Koran Verteilung
Салафистичките мисионери делат бесплатни Корани во ГерманијаФотографија: dapd

Абу Наги и Абу Дујан се запознале во џамија во Фрехен во близина на Келн. Веќе осум години се занимаваат со мисионерство. Тие тоа го нарекуваат „повик на ислам“. Абу Наги вели дека се работи за маркетинг и љубов кон блискиот. Своите проповеди најпрво ги снимиле на ЦД и ги разделувале, а подоцна пораките ги ширеле и преку интернет, подаруваа Корани и организирале семинари.

Интерес кај младите?

Зошто е салафизмот атрактивен, посебно за младите луѓе? Се качувам по темните скали на една џамија во Бон, за да го најдам одговорот на тоа прашање. Една ученичка која разговара со својата колешка станува и ми пружа рака. Ракувањето меѓу жените кај салафистите е дозволено. Истрошените серџади (килими за молитва) на подот изгледаат како некој мозаик. Низ лошо изолираните прозорци влегува студен воздух, а се слуша и врева од автомобилите кои минуваат по улицата. Девојката вели дека не и‘ пречи тоа што луѓето на улица зјаат во неа бидејќи носи бурка и што понекогаш има проблеми во училиштето. Алах ќе ја награди за сета мака, вели таа.

Salafisten in Deutschland Islam Islamismus
Демонстрации на жени салафисти во МенхенгладбахФотографија: dapd

„Се работи за млади луѓе на возраст од 15 до 20 години кои во салафизмот гледаат апсолутна вистина“, објаснува експертот Сухни. Според него, постои можност еден мал дел од нив да заговараат насилство.

Двајцата проповедници во Бон велат дека би разговарале со младите доколку забележат дека се интересираат за насилство. „Тоа не е табу тема“, вели Абу Дујан и додава дека „младите кои се во тој стадиум“ воопшто не доаѓаат кај нив. „Секако дека постојат црни овци“, заклучува Абу Дујан.

Но во неговиот глас се чувствува и малку лутина.

„Секој викенд во текот на некој натпревар или демонстрации се бележи некое насилство. Но само на салафистите се вперува прстот“. Тој не разбира зошто политичарите не сакаат да разговараат со нив. Но, Абу Наги вели дека тој не сака да се сретнува со политичарите. Дури и ако го повика Ангела Меркел. „Само ако сака да премине на ислам“, вели Абу Наги.

На крајот двајцата ми подаруваат примерок од Коранот и прашуваат дали сакам да понесам повеќе примероци и да ги поделам во редакцијата? Имаат уште неколку примероци во автомобилот и можам слободно да ги понесам, ми велат двајцата проповедници.