1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Келнскиот аеродром размена на заробеници меѓу Израел и Хизболах

29 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQM
Размената на заробеници меѓу Израел и Либанската милитантна организација Хизболах на аеродромот во Келн за сега се одвива според договореното. Израелскиот бизнисмен Елханан Тененбоим за прв пат по киднапирањето пред повеќе од три години имал и прва средба со претставници на Израел. Експерти од Тел Авив исто така веќе ги идентификуваа посмртните останки на тројцата израелски војници, кои од Бејрут утринава пристигнаа во Келн со авион на германското воено воздухопловство. Речиси во исто време на аеродромот пристигна и израелскиот авион со 30-тина арапски затвореници, кои треба да бидат разменети. Ви нудиме извештај за досегашниот тек на размената што беше договорена со посредување на координаторот на германските тајни служби Ернст Урлау.

Размената на заробеници беше многу прецизно договорена: неколку минути по 7 часот утринава на пистата на Келнскиот аеродром слетаа авионите на германското и на израелското воено воздухопловство, кои четири часа порано тргнаа од Бејрут и од Тел Авив. Јавноста и медиумите беа исклучени од самиот настан, туку мораа да чекаат надвор од воениот дел на аеродромот. Само една ТВ екипа успеа да ги надмудри мерките на безбедност и со камера монтирана на подвижен кран го регистрира барем слетувањето на авионите.

На аеродромот во Келн вчера слета друг авион на израелското воено воздухополвство, во кој беа сместени водечки патолози, чија пак задача беше да го проверат идентитетот на трите трупа. Дури откако тие потврдија дека без сомнеж станува збор за израелските војници заробени од Хизболах во пограничното подрачје меѓу Израел и Либан, дури тогаш беше дадено зелено светло за размена на 30-тината арапски затвореници од израелските затвори. Нив треба во Бејрут да ги врати германскиот авион, додека израелскиот безнисмен Тененбоим и посмртните останки на тројцата израелски војници ќе ги врати во татковината авионот на израелското воено воздухопловство.

Истовремено со размената на аеродромот во Келн од израелските затвори ќе бидат пуштени на слобода 400 Палестинци, кои ќе можат да се вратат во нивните родни места на Западниот брег на реката Јордан и во појасот Газа. Израел покрај тоа се обврза да ги врати во Либан посмртните останки на 60-тина паднати борци на Хизболах. Во втората фаза, според спогодбата, Хизболах треба во наредните два месеца да обезбеди информации за судбината на други израелски војници, кои се водат како исчезнати уште од времето на Либанската војна. Меѓу нив е и пилотот Рон Арад, за кого Израел и понатаму тврди дека се наоѓа во заробеништво во Иран. Иран е инаку еден од двата главни поддржувачи на Хизболах, а една делегација од Техеран уште од вчера се наоѓа во Бејрут, каде треба да помогне во обезбедувањето нови информации. И нивното доаѓање е плод на посредничките напори на координаторот на германските тајни служби, Ернст Урлау. И овој пат се покажува дека добрите врски на Германија со сите страни во блиско источниот конфликт можат да бидат од голема полза.