1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

APEC Klima

16 ноември 2009

Предупредување од Сингапур до Копенхаген - нема да има сеопфатен, обврзувачки Договор за климата. АПЕК не постапи одговорно.

https://p.dw.com/p/KYH7
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Уште колку општи изјави за намери може да издржи светот додека климата на Земјината топка не се преврти дефинитивно со катастрофални последици за милиони луѓе? На самит се собраа луѓето што носат одлуки во азиско-пацифичките земји, регион кој важи за носител на надеж на светската економија, а од него не произлезе ништо друго освен општи обврски за поттик на глобалната конјуктура и признание обвиткано со жалење дека нема да биде можно на конференцијата на ОН за климата во Копенхаген, во декември, да се постигне светски обврзувачки Договор за заштита на климата.

Наместо тоа, во Копенхаген ќе биде донесена уште една изјава за намери, а обврзувачки договор можеби би бил донесен подоцна. Од Сингапур буквално беше порачано дека е потребно концентрирање на она што е изводливо, а не вниманието да се одвраќа со работи кои се неизводливи.

Требаше да се даде знак

Самитот на АПЕК беше последниот голем собир на државници пред важната конференција за климата. Шефовите на држави и влади на азиско-пацифичките држави во Сингапур не успеаја да постават насоки за итно неопходниот договор-наследник на Протоколот од Кјото. Самитот на АПЕК требаше да даде знак и можеше да води кон постигнување пробив на конференцијата во Копенхаген. Во Сингапур не беа присутни само САД, најголемата индустриска нација на светот, туку и Кина, нација во забрзан подем со најголем економски потенцијал. Освен тоа, таму беа и Јапонија, Индонезија, Австралија и голем број други земји од азиско-пацифичкиот простор, кои би морало да дадат значаен придонес во запирањето на опасната промена на климата. Во земјите околу пацификот живее 40% од населението во светот, тука се одвива околу половина од светската трговија и, за жал, тука се испуштаат речиси 60% од штетните издувни гасови во атмосферата.

ASEAN USA APEC
Разочарување - АПЕКФотографија: AP

Климата нема добри изгледи

Но, ни американската влада им воведува ограничувања на своите граѓани во интерес на заштитата на климата, кои би можеле да го забават конјуктурниот полет што се очекува со толку нетрпение, ниту пак Кина, Индонезија и другите земји во забрзан подем од АПЕК, сакаат да ги стават на коцка своите шанси да му се приклучат на друштвото развиени индустриски нации. Повеќе, сите заедно, сакаат да ја стават на коцка климата и со тоа животните услови на идните генерации, кои ќе мораат дословно да испливаат, кога поради промената на климата ќе се крене нивото на морето и ќе поплави цели крајбрежни региони, со што таму нема да може да се живее, кога ќе потонат цели островски држави, како на пример во Јужниот Пацифик, регион кон кој АПЕК се чувствува обврзан да стори нешто.

Значи, климата и Копенхаген немаат добри изгледи. Не е ни чудо што учеството на конференцијата се‘ уште не го потврдиле сите 192-ца шефови на држави и влади од светот, меѓу кои и Барак Обама. Никој не сака радо да присуствува на конференција што е однапред осудена на неуспех. Но, тоа не ги ослободува шефовите на држави и влади од нивната одговорност!

Автор: Бернд Муш-Боровска

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска