1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На Косово треба да се реагира трезвено“

Бахри Цани
16 јануари 2018

По убиството на Оливер Ивановиќ треба да се реагира трезвено и разумно, преку дијалог на двете страни да се спречат било какви тензии, вели во интервју за ДВ Игор Шолтес, известувач на Европскиот парламент за Косово.

https://p.dw.com/p/2qve0
Igor Šoltes - slowenischer Rechtsanwalt und Politiker
Фотографија: Wikipedia/MORS

Дојче веле: Како го коментирате убиството на Оливер Ивановиќ и дали стравувате од нови тензии?

Игор Шолтес: Шокиран сум од настанот. Тој покажува можност од загрозување на стабилноста на Косово и можност вакви ситуации да ја влошат безбедноста. Господинот Ивановиќ играше значајна улога во процесот на демократизација на Косово. Моите колеги, поранешни известувачи за Косово, повеќепати имаа средба со него, морам да кажам дека сум сериозно загрижен. Ги повикувам сите одговорни институции на Косово веднаш да почнат истрага и што поскоро да го откријат и казнат извршителот. 

ДВ: Господин Вучиќ веднаш го свика Советот за национална безбедност во Белград. Дали се плашите од нови тензии, можеби и конфликти?

Искрено се надевам дека ова нема да предизвика конфликти, зашто лабилниот мир може многу бргу да биде урнат. Сега треба да се реагира трезвено и разумно и со дијалог на двете страни да се направи обид за смалување на било какви тензии кои евентуално би воделе во погрешна насока, во правец на насилство.

ДВ: Чудно, но ова убиство се случува само ден-два откако американските власти ги предупредија своите граѓани да не патуваат на Косово, а посебно не во северниот дел. Мислите ли дека разузнавачките служби веќе имале некои информации?

Ако имале информации, мислам дека мораа правовремено да реагираат, а не да се чека да се случи убиство, па да размислуваме дали знаеле нешто однапред или не. Пред сѐ треба да се утврдат сите околности на кривичното дело и мотивот, за да се дојде до заднината на убиството и нарачателите.

Kosovo - Polizei untersucht den Tatort an dem der Kosovo-serbische Politiker Oliver Ivanovic erschossen wurde
Убиството на Оливер Ивановиќ треба итно да се разјасни, смета ШолтесФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Slakovic

ДВ: Убиството се случи во време на турбуленции. На Косово се во тек дебати околу укинување на Законот за Специјалниот суд на Косово. Кои би биле последиците од негово укинување?

Јасно е дека и Мисијата на ЕУ на Косово, како и државите на Квинтетот (Германија, Британија, САД, Франција, Италија, н.з), изразија огромно незадоволство поради идејата за распушање на Судот за воени злосторства. Тоа би бил голем чекор наназад за Косово, таквата одлука би била во спротивност со владеењето на правото и силно би го разнишала кредибилитетот на Косово како вреден и рамноправен партнер на ЕУ. Таквата одлука значи сериозно загрозување на косовскиот напредок од последните години. Мислам дека и поглавјето на минатото мора да се затвори. Уште еднаш треба да се повикаат сите косовски институции и партиски лидери да не допуштат такво нешто да се усвои. Тоа би значело дека Косово оди по патот на изолација наместо соработка.

Повеќе на темата: 

Атентат во Косовска Митровица: Убиен е Оливер Ивановиќ

60 косовски Албанци со обвиненија за воени злосторства

Пацоли: Се радувам на помирувањето со Србија

ДВ: Дали тоа би значело дека осомничените ќе бидат поштедени на некој начин од истрага? Или би бил основан некој друг суд?

Судот веќе постои и мислам дека многу силно треба да се инсистира да не дојде воопшто до таква одлука. Утре во ЕП доаѓа делегација на косовски парламентарци, јасно ќе бараме во заедничката резолуција да се упати повик до институциите да се воздржат од активности кои би воделе кон укинување или намалување на активностите на Судот.

ДВ: Една од обврските која ја презеде Косово е демаркација на границата со Црна Гора. Тоа веројатно нема да помине во косовскиот парламент. Што мислите Вие?

За граѓаните на Косово приказната за визна либерализација е многу важна. Мислам дека таа се очекува со поголемо нетрпение отколку исполнувањето на останатите чекори на патот на ЕУ-интеграцијата. Косовоските власти мора да бидат свесни за големината на одговорноста, за тоа дека блокадата по ова прашање силно го загрозува прашањето за визната либерализација. Демаркацијата е важна зашто на подрачјето на бивша Југославија доста граници уште не се утврдени. Тоа е работа што треба да се реши пред интеграцијата во ЕУ, за подоцна да не доаѓа до проблеми.

ДВ: Дали ќе бидат укинати визите за косовските граѓани и доколку не помине законот за демаркација на границата?

Не, тоа е мислам јасно, зашто тоа е обврска потпишана и од косовските власти и од ЕУ.

ДВ: Значи визите нема да бидат укинати ако не помине законот?

Мислам дека ЕУ тешко ќе го промени својот став.

Kosovo Parlament in Pristina
Косовскиот парламент има јасни задачиФотографија: Reuters/H. Reka

ДВ: Во Србија многу се зборува за претстојните односи со Приштина. Верувате ли Србија да биде примена во ЕУ без признавање на Косово и нормализирање на односите?

Резултатите од дијалогот Белград-Приштина не се исполнети во очекуваната мерка и кај прашањата на енергетиката и кај српските општини. Тие теми ќе мора да се решат правовремено. Ќе видиме какви ќе бидат конечните препораки на Европската комисија во поглед на дијалогот Белград - Приштина, во смисол на пристапните процеси. Тоа е една од клучните работи.

ДВ: Во врска со препораките, ако сега пишувате извештај за ситуацијата на Косово, како би гласел во кратки црти?

Би сакал пред сѐ напредокот во некои области да биде побрз. Има објективни, но и многу субјективни околности. Се надевам дека косовските власти годинава ќе направат сѐ за исполнување на обврските и задачите договорени заради приближување кон ЕУ. Се надевам и дека од ЕК што поскоро ќе ја добијам документацијата од која ќе се види дали е Косово земја во која постои одреден напредок или не.

Словенечкиот политичар Игор Шолтес е лидер на партијата Верувам и единствен нејзин претставник во Европскиот парламент, каде е дел од пратеничката група на европските Зелени. Во ноември лани ја наследи Улрике Луначек на местото специјален известувач на ЕП за Косово. Шолтес е внук на поранешниот висок југословенски функционер Едвард Кардељ.