На Куба ништо вистински ново

Цел свет зборува за историски пресврт на Куба, крај на ерата Кастро. Но за промена не може да стане збор: по 60 години се менува само името на челникот на државата, коментира Каролина Химој.

Новинари од цел свет аплицираа за виза за да го следат овој историски настан. Но, само малкумина добија дозвола за влез во кубанската држава.  Политичката елита на Куба очигледно смета дека изборот на претседател не е ништо посебно  и е нормално на карипскиот остров.

Сѐ уште диктатура

На некој начин, таа е во право, зашто Куба сѐ уште е диктатура: резултатот на изборот на нов претседател на државата од страна на Националниот собир беше јасен долго пред гласањето. Мигуел Диаз-Канел е човек кој става крај на ерата Кастро, но истовремено и ја продолжува. 57-годишниот електроинженер уште со 33 години станал партиски секретар во неговата родна провинција Вила Клара, почеток на беспрекорна партиска и кариера во државниот апарт. Тој е верен тврдолинијаш, наголемо поддржуван од Раул Кастро и уште одамна избран за негов наследник. Пред пет години Кастро го назначи за свој заменик во Државниот и Министерскиот совет. Кратко кажано - послушен војник на Комунистичката партија на Куба. 

Значи, освен промена на името и генерациско подмладување на челната државна функција во социјалистичката држава, не се случи ништо друго. Со тоа, двата најглавни предизвика на островот остануваат мизерната економска ситуација и односите со САД. На двата фронта не е на повидок некоја поголема промена. Не само што новиот претседател е верен наследник на Кастро, туку и затоа што тој сѐ уште ги влече конците од заднина: Раул Кастро останува прв човек на Комунистичката партија. 

САД и Куба - нови стари непријатели

Посетата на американскиот претседател Барак Обама на Куба во 2016. година, Диаз-Канел вака ја коментираше: „Ова е само уште еден обид од САД за уништување на кубанската револуција“. Погледнато од ваков агол, сегашниот американски претседател Доналд Трамп многу подобро се вклопува во сликата која кубанското раководство ја негува за САД како заколнат непријател. Политиката на отворање на Обама беше прилично „опасна“ - таа го зголемуваше притисокот за натамошно отворање на островот.

Политика | 30.10.2017

Напротив, тврдиот курс на Трамп во крајна дистанца го јакне режимот во Хавана. Еден дел од новите американски санкции против Куба значат забрана за бизниси со кубанските офицери, кои контролираат големи делови од туристичкиот сектор, иако тоа ги погодува и американските претпријатија од туристичката бранша.

Поради неговата конзервативна база, Трамп е под притисок да лиферува, со што натамошно приближување кон Куба, без оглед на почетокот направен од Обама, е незамисливо.

Повеќе: 

Руската сенка во Куба

Прекршените ветувања на Фидел Кастро

Пораст на нееднаквоста во социјализам

Куба и натаму предничи во Латинска Америка со образовниот и здравствениот систем. Наспроти тоа, огромните приходи од туризмот и паричните дознаки од Кубанците кои живеат во егзил често исчезнуваат преку црни канали.

На Куба годишно доаѓаат четири милиони туристи, што носи девизи. Бројот на оние кои можат да работат во туристичката бранша е ограничен. Откако владата едно време издаваше сѐ поголем број лиценци за водење приватни пансиони и ресторани, во меѓувреме оваа мала економска реформа на Раул Кастро е закочена.

Големата социјална експлозивност се крие токму во овие два света: просечната месечна плата на Куба изнесува околу 30 евра - исто колку што човек може да заработи од изнајмување на една соба за една ноќ. Така се случуваше лекарите да се вработуваат како портири и носачи на куфери. Со оглед што просторот за приватниот сектор е ограничен и не се отвора натамошно, расте незадоволството и зависта кон оние кои смеат да заработуваат со учество во големиот туристички колач. Тоа е пред сѐ политичката елита на Куба, но и војската, која на пример преку својето хотелско претпријатие Гавиота располага со преку 29.000 гостински соби во целата земја. На Куба расте нееднаквоста. За иронијата да биде поголема, токму еднаквоста е најголемото ветување и легитимирачкиот темел на социјализмот. Младината поради овие причини станува сѐ понемирна, притисокот за поголемо отворање и реформи расте.

Револуцијата следната година ќе одбележува 60-годишнина. Дури и самите браќа Кастро своевремено веројатно не мислеле дека ќе преживее толку долго. Немаштијата стана секојдневен придружник, а Кубанците се претворија во неприкосновени светски прваци во импровизирање. Кој уште успеал да одржува 60 години стари расклатени американски автомобили? Олдтајмерите на островот станаа речиси симбол на кубанската политика, зашто и политичкиот систем на Куба постојано е „поправан“. Но, нов мотор сепак нема.

Следете нѐ