1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Лондон му се заканува обединување на Ирска

Питер Гогхеган/БГ16 август 2016

Британската премиерка Тереза Меј има полни раце работа. Додека со едно око гледа кон Шкотска каде се најавува референдум за независност, постои уште една, засега помала закана: референдум за обединување на двете Ирски.

https://p.dw.com/p/1JXGn
Фотографија: picture alliance/empics/S. Rousseau

Ирците не се народ кој им робува на табуа. Често на улица или во паб отворено говорат за пари, религија, секс... Но повеќе од две децении една тема наликува на табу: обединувањето на Ирска. Гласањето за Брегзит, за првпат по цела една генерација, ја распламте дебатата за можното обединување. Од двете страни на границата долга 317 милји, во Републиката и во Северна Ирска, се говори за референдум.
Овој месец, ирскиот премиер Енда Кени, инаку вообичаено воздржан по прашањето на внатре-ирската граница, за првпат спомена дека Северот би можел да и се придружи на неговата земја. Дури тоа го претстави како логично, потсетувајќи на обединувањето на двете Германии по падот на Берлинскиот ѕид. Тоа беше сигнал новинарите и дебатните емисии да започнат да ги анализираат предностите и маните на можното обединување. Притоа, се напоменува дека Северните Ирци со големо мнозинство го поддржаа останувањето во ЕУ на референдумот.

Theresa May zu Besuch in Irland
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA

Клучот е во границата

Џон Тонг, политолог од Универзитетот во Ливерпул вели дека „клучната промена“ е онаа во ставот на ирскиот премиер Кени. „Тоа е првпат тој да говори на тема обединвуање. Тоа е голем пресврт. Како премиер на Република Ирска, тој досега избегнуваше да говори на таа тема“, вели Тонг.
Коментарите на Кени се во согласност со интересите на ирската економија и на граѓаните- границата со Северна Ирска, односно Велика Британија, да остане отворена и без царини.
Од независноста на Ирска, Даблин и Лондон воспоставија ткн. заедничка зона на патување, па контроли беа воведувани само во периоди на судири во Северна Ирска. За да ја сочува можноста за слободно патување на нејзините граѓани во Британија, Ирска одби да биде дел од Шенген.

Поделени политичари

Политичкиот естаблишмент во Ирска е поделен по ова прашање. Северна Ирска има компликуван систем на владеење во кој дел од овластувањата се пренесуваат од Лондон и за тој дел во моментов се грижи „покраинската“ премиерка Арлин Фостер. Таа се залага за единствена Британија и го поддржа излегувањето од ЕУ. Нејзиниот заменик Мартин Мекгинис од партијата Шин Фејн се залагаше за останување во ЕУ. Сега Мекгинис гласно бара референдум за обединување на Ирска. Тоа не би било прво такво гласање, иако она првото е тешко да се смета. Имено, во 1973, дури 99 отсто од северноирските гласачи го поддржаа останувањето во Обединетото кралство, но тој контроверзен референдум го бојкотираа сите католици бидејќи се случуваше во една од најкрвавите фази од граѓанската војна.

Irland Ein-Euro-Münze
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand


Но, ни денес нема големо одушевување од идејата за обединување на ирскиот остров. Според анкетите од минатата година, само 13 отсто од Северните Ирци би гласале за обединување. Во Република Ирска, поддршката за обединување е далеку поголема и достигнува две третини од граѓаните.

Колкава е поддршката за проектот на обединување не може да процени ниту еден искусен северноирски аналитичар, како што е Њутон Емерсон. Тој вели дека не може да се направи едноставна пресметка согласно верската припадност, бидејќи дури и многу католици се поблиски до Лондон и сметаат дека останувањето во Велика Британија е подобро за економијата.
„Секогаш се претпоставуваше дека исходот на референдумот би бил очигледен затоа што постои католичко мнозинство меѓу населението и национално определено мнозинство во локалниот парламент. Но сега сѐ е измешано“, вели Емерсон за ДВ. „Ние не знаеме каква е состојбата, а не можеме да организираме референдум само за да го провериме тоа“.