1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Мајдан се бројат мртви и повредени

ЕМФ/афп20 февруари 2014

На плоштадот на независноста во Киев повторно крвопролевање. Новинари на агенцијата Франс Прес ја пренесуваат атмосферата од крвавиот Мајдан.

https://p.dw.com/p/1BCNa
Фотографија: Reuters

Под тенкиот, бел штоф, наредени едно до друго лежат седум тела. Прекусата прекривка не може да ги покрие главите и стапалата. Пред рецепцијата на хотелот Украина - крв, само неколку часа по „прекинот на огнот“ кој го прогласи украинскиот претседател Виктор Јанукович. Но наводното примирје денеска (20.02) во Киев се претвори повторно во крвопролевање - најмалку 60 демонстранти, според опозициски извори, се убиени во центарот на градот, голем дел од нив со само еден единствен куршум.

„Погодени се во главата или во срцето, со боева муниција, не со гумени куршуми“, вели Наталија, која е дел од санитетската единица и притоа покажува со прстот на крвавото заштитно елече кое лежи на земја, пробиено од само еден куршум. Нејзината колешка Олга Богомолец на Фејсбук напиша: „13 активисти се убиени од снајперисти“. Демонстрантите се погодени од еден единствен куршум.

Стотици вооружени демонстранти изутрината ја нападнаа полицијата, која возврати со пукање. Во провизорните хали на опозицијата, каде што се носат телата на загинатите, како што е хотелот Украина, кој демонстрантие го претворија во болница, има многу жртви. Знаме на Црвениот крст во меѓувреме се вее над сталинистичка зграда на плоштадот Мајдан, окупиран од илјадници опозиционери веќе три месеци.

„Се‘ почна околу 8 часот изутрина, кога Беркут се обиде да го запали Музичкиот конзерваториум“, раскажува Андриј, член на службата за ред на Мајдан. Беркут, специјалната единица на украинското Министерство за внатрешни работи, е особено омразена кај демонстрантите, а Музичкиот конзерваториум на демонстрантите им служи како место каде можат да се повлечат и да имаат мир. „Сакавме да ги истиснеме и тие припукаа врз нас со Калашникови и снајпери.“

Полицајците се повлекоа неколку стотини метри и предадоа површина која ја обезбедуваа ноќта меѓу вторникот и средата. Министерството за внатрешни работи денеска тврди дека и еден снајперист на опозицијата пукал целно врз полицајци и дека повредил 20-мина. Фотограф на Франс Прес беше сведок кога тројца полицајци беа заробени од страна на демонстрантите. Каде тие се наоѓаат сега, не е познато.

Kiew Proteste 20.02.2014
Фотографија: Reuters

Почетниот бес на Мајдан се претвора во се‘ поголема решителност - луѓето формираат човечки синџири и влечкаат предмети со кои градат барикади. На подиумот говорник го повикува населението да донесе лекови и материјали за прва помош на плоштадот. Постарите поддржувачи на опозицијата корнат делови од тротоарите, млади девојчиња делат стотици Молотови коктели на оние кои држат стража на барикадите.

Опозиционите сили за ред, кои чинат добар дел од демонстрантите на Мајдан, располагаат со опрема која има се‘ и сешто, но која делумно е и сосема добра, како металните штитови, кои се идентични со штитовите на полицајците, шлемови, заштитни елеци, метални шипки, чекани... Новинар на АФП виде и демонстрант со оружје. Активистите ги напаѓаат полицајците во мали групи, организирани паравоено, притоа криејќи се зад металните штитови. Меѓу нив има и десноекстремни националисти и фудбалски навивачи.