1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На медиумите не им цутат рози ни на Западот

3 мај 2005

Работата на новинарите ширум светот е често под притисок на оние, на кои слободното информирање не им одговара, се едно дали станува збор за политичари, судии, стопанственици или лица вмешани во организираниот криминал. И тоа важи не само за „неразвиените„ и „недемократски земји„ од Истокот или Југот, туку појави на гушење на слободата на печатот има и во земјите на „високо развиениот Запад„.

https://p.dw.com/p/AcFq
Новинар во затвор
Новинар во затворФотографија: dpa

„Новинарите во Русија често се претепувани или пак добиваат закани, но тоа никој не го ни регистрира„ – се жали Григори Паско. Тој лично не бил претепан, но затоа одлежал четири години затвор. Причина: како новинар на списанието на руската воена флота за Пацификот, открил случај на исфрлање радиоактивен отпад во океанот. Еколошките проблеми и ден денес се третираат како државна тајна во Русија, оценува Паско.

Ваквите појави во Русија се само најнов пример за најстарото средство за притисок врз новинарите. Во оваа земја заканата од меѓународниот тероризам исто така се користи како параван за ограничување на слободата на известување на медиумите. Така главниот уредник на дневниот весник „Известија„ беше принуден на повлекување од функцијата затоа што објави фотографии од убиени деца во заложничката драма во Беслан. А неговата колешка Ана Политковскаја помина уште полошо: поради критичкото известување од Чеченската војна - беше отруена.

Во Авганистан, пак, проблемот со слободата на информирањето е во тоа што јавното мнение се уште е под силно влијание на исламистите, кои сеат семе на омраза низ петочните молитви и проповеди. Против тоа не помага ни фактот што во меѓувреме во главниот град Кабул излегуваат ни помалку, ни повеќе, туку 150 списанија:

„Во меѓувреме има голем број извори на информирање, но најголемиот број авганистански медиуми не работи според новинарските принципи, какви што ги познаваме ние од Западот. Често не се знае потеклото на информациите што ги емитуваат и никој не може да ги провери„ – се жали Брита Петерсен, германска новинарка во Кабул.

Затоа таа ја основа иницијативата „Слободен печат„ која исто како и Дојче Веле образува авганистански новинари.

На Блискиот исток објективноста на информирањето трпи од други причини:

„Нам не ни е дозволено да патуваме на израелската страна, а тамошните колеги многу ретко доаѓаат кај нас. Ние сепак пренесуваме на арапски голем дел од пишувањето на израелските весници, но тие не пренесуваат ништо од нашето пишување„ – критикува Дауд Кутаб, сопственик на една приватна радио станица на палестинските автономни подрачја и додава:

„Сметам дека тоа би изменило многу што ако израелската јавност, израелските издавачи и уредници се заинтересираат повеќе за состојбата на Палестинците. Тоа би можело да го забрза изнаоѓањето решение за пролитичкиот проблем.„

Неговиот колега од израелскиот дневен весник „Хаарец„ Гидеон Леви ги потврдува ваквите изјави:

„Постои многу чуден сојуз меѓу читателите кои не сакаат ништо да читаат за Палестинците, меѓу авторите кои не пишуваат, како и владата која не сака ништо да се известува за нив.„

Станува збор за авто-цензура, оценува Леви, и таа е најопасна!

Дека на новинарите ни на Западот не им цутат рози сведочи случајот на дописникот на германскиот весник „Штерн„ од Брисел. Кога во 2002-та година се обиде да иследува неколку корупциски афери на европската администрација, белгиската полиција изврши претрес на неговиот стан, а компјутерот и белешките му беа запленети:

„Кога човек израснал во една западна демократија, тогаш е уверен дека живее во правна држава и не може да поверува дека некој орган на власта може да му испрати полиција под лажни обвинувања.„

Затоа голем број негови колеги се задоволуваат со соопштенија за јавноста од европските служби, од страв дека ако известуваат критички би можеле да бидат етикетирани како „непријатели на Европа„. Тоа е чиста автоцензура, нагласува Ханс Мартин Тилак!