1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На политичката драма во Украина уште не и‘ се гледа крајот

2 октомври 2007

Се‘ уште не се избројани сите гласачки ливчиња, пред се‘ поради задоцнувањето во источните изборни единици. Од таму дојдоа и гласовите што ја донесоа партијата на досегашниот премиер Виктор Јанукович на првото место.

https://p.dw.com/p/Blr7
Досегашниот премиер Виктор Јанукович: ќе добие ли втор мандат за формирање влада?Фотографија: AP

По пребројувањето на 94% од гласачките ливчиња најсилна политичка партија е онаа на досегашниот премиер Виктор Јанукович. Таа според привремениот резултат, што утринава го соопшти Изборната Комисија во Киев, добила 34,20% од гласовите. Опозициониот блок на Јулија Тимошенко, кој на почетокот од пребројувањето беше долго време во водство, утринава располага со само 30,80 проценти. Партијата на нејзиниот сојузник Виктор Јушченко, пак, добила 14,27%.

Ваквиот драматичен пресврт во трендот при преборјувањето на гласовите се должи на задоцнетите изборни кутии од истокот на Украина, каде про-руската Партија на регионите на премиерот Јнукович има поголема поддршка меѓу избирачите. Поради доцнењето и разните информации за нерегуларности во изборниот процес на истокот и југот на земјата, претседателот Виктор Јушченко најави судска проверка на регуларноста:

“Загрижен сум за пребројувањето на гласовите на југот и на истокот на Украина. Резултатите свесно се одложуваат. Затоа ги задолжив органите на правната заштита да поведат истрага за регуларноста на изборниот процес. Манипулаторите на изборите мораат да се соочат со казни. Верувам во победата и обединувањето на демократските сили во Украина.“

Јушченко вчера во текот на денот, во моментите кога лидерот на опозициониот блок Јулија Тимошенко водеше уверливо при пребројувањето на гласовите, дури пред камерите и‘ подари букет цвеќе. А претседателот на неговата партија “Наша Украина“ Јури Лузенко свечено објави:

“Во Парламентот партиите Наша Украина и блокот на Јулија Тимошенко ќе имаат мнозинство гласови. Сите кои сакаат да ни се приклучат имаат добра причина за тоа и ќе ја добијат нашата политичка поддршка.“

Но, попладнето постепено се истопи предноста на опозциониот блок на Јулија Тимошенко и до утринава ситуацијата потполно се сврте.

Меѓународните набљудувачи оценија дека изборите во Украина минале главно демократски, покрај помалите проблеми на истокот од земјата. Таму имало проблеми со изборните листи, а се водела и скриена изборна кампања дури и на денот на изборите, што е забрането. Сепак, наспроти тешки услови, изборите беа спроведени професионално, порача водачот на набљудувачката мисија на ОБСЕ, Тоне Тингсгард.