1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Сан Су Ќи и‘ се заканува нов процес

14 мај 2009

На водачот на опозицијата на Мијанмар и носител на Нобеловата награда за мир, Аунг Сан Су Ќи и‘ се заканува нов процес бидејќи додека била во домашен притвор, ја посетил американски граѓанин.

https://p.dw.com/p/Hpor
Аунг Сан Су Ќи (архива)Фотографија: AP

Аунг Сан Су Ќи, водач на опозицијата во Мијанмар, од денеска (14.05.2009) е во затвор и официјално е обвинета. Причина за овој потег е посета на американски државјанин, минатата недела. Човекот допливал до нејзината опколена куќа и таму останал неколку денови. По првото сослушување, според адвокатот на Су Ќи, процесот би требало да продолжи идната недела. Во случај да биде осудена, носителката на Нобеловата награда за мир ќе добие пет години затвор. Су Ќи, која има 63 години, веќе шест години се наоѓа во домашен притвор. Казната требаше да и‘ истече на 27 мај.

Според организацијата во егзил „Здружение за поддршка на политичките затвореници“, во Мијанмар има повеќе од 3.000 затвореници. Многумина од нив се наоѓаат во лоша здравствена состојба, се вели во неодамна објавениот извештај на Хјуман Рајтс Воч. На политичките затвореници им се оспоруваат основните човекови права, рече Аунг Мио Теин, поранешен политички затвореник во Мијанмар. „Политичките затвореници се дискриминирани во затворите. Им се оспоруваат правата, кои треба да ги има секој затвореник. Според правилата, затворениците смеат да пишуваат и читаат, но тоа не им е дозволено на политичките затвореници.“

Хјуман Рајтс Воч ја повика меѓународната заедница посилно да се заложи за ослободување на политичките затвореници во Мијанмар, вклучително и на Аунг Сан Су Ќи.

Автор: Бернд Муш-Боровска / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска