1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На севернокорејските фудбалери им се заканува логор

11 август 2010

ФИФА ќе поведе истрага за можно малтретирање на фудбалерите и стручниот штаб на Северна Кореја од страна на властите во земјата, по лошиот настап на Мундијалот во Јужнa Aфрика. Дали селекторот завршил во работен логор?

https://p.dw.com/p/OiYW
Севернокореецот Јонг Тае Се за време на интонирањето на државната химна во Јужна АфрикаФотографија: AP

Светската фудбалска федерација ФИФА отвори истрага по наводите дека властите во Северна Кореја ги малтретирале играчите и стручниот штаб по катастрофалниот настап на Светското првенство во Јужнoафриканската Република.

Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер денеска потврди дека било испратено барање до фудбалскиот сојуз на Северна Кореја за информации за наводното малтретирање, како и за смената на претседателот на националната фудбалска федерација.

„Се работи за истрага со која треба да се информираме за изборот на новиот претседател на фудбалскиот сојуз, и доколку е тоа вистина, за тврдењата на некои медиуми дека тренерот и одредени играчи биле осудени и казнувани“, изјави Блатер.

Радиото Слободна Азија, повикувајќи се на неименувани извори, јави дека фудбалерите и стручниот штаб биле повикани во Пјонгјанг, каде цели шест часа биле критикувани од државни функционери поради настапот на Мундијалот. На фудбалерите, наводно, им било наредено за поразите да го обвинат селекторот Ким Јонг Хун.

Fußballtrainer WM 2010 Kim Jong Hun Nordkorea Flash-Galerie
Селекторот Ким Јонг ХунФотографија: AP

Според непотврдените информации, фудбалерите биле јавно понижувани, а селекторот Ким бил осуден на тешка физичка работа поради трите порази од Бразил, Португалија и Брегот на Слоновата Коска. Посебно понижувачки беше поразот на севернокорејците од Португалија со 7:0, особено затоа што тоа беше и првиот натпревар на фудбалската репрезентација пренесуван во живо на државната телевизија, по пауза од повеќе од 40 години.

автор: БГ/афп/бета

редактор: Трајче Тосев