1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците добија тројка за даночна одговорност

4 јануари 2019

Граѓаните на балканските земји се во врвот на оние кои нерадо плаќаат даноци, а најниската вредност е забележана во Македонија, покажало истражувањето на Институтот за економија од Базел. Германците се оценети со 7.

https://p.dw.com/p/3B1Ta
Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Германците се меѓу народите кои со задоволство и многу одговорно плаќаат даноци за финансирање на јавните добра, покажува истражувањето на Институтот за економија од Базел, спроведено за Обединетите нации.

„На скала од 1 до 10, при што 10 претставува највисоко ниво на прифаќање на плаќањето данок, Германија бележи највисока измерена вредност од 7,“ јавува германската агенција ДПА, повикувајќи со на резултатите од истражувањето.

Според тие резултати, граѓаните на балканските земји се во врвот на државите кои нерадо плаќаат даноци. Најниска вредност е забележана во Македонија (3,2), потоа во Црна Гора (3,9) и во Србија (4,1).

Институтот од Базел вакви истражувања спроведува во последните три години во 141 земја, барајќи одговори на прашањето - во која мера жителите на една држава имаат волја да платат данок за финансирање на јавните расходи за социјалниот систем, за здравствената заштита, за јавните медиумски сервиси и за културните организации. Комплетните податоци од истражувањето Институтот ќе ги објави во март годинава.

Но, слични анкети спроведуваат и земјите во кои постои висока даночна одговорност и дисциплина. Имено, германската влада во моментов работи на подготовка на анкета во која германските граѓани ќе треба да се изјаснат дали се задоволни со тековните даночни стапки. Врз основа на резултатите од истражувањето, министерот за финансии треба да подготви реформа на германскиот даночен систем.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Стандард да, нови даноци - не!

Состојбата во Македонија е многу поразлична од онаа во Германија. Поради нискиот животен стандард, невработеноста и сиромаштијата, граѓаните жестоко реагираат на секоја промена во однос на даноците. Последната промена стапи на сила од први јануари годинава, со напуштање на концептот на рамен данок и воведување прогресивно оданочување. Покрај даночната стапка од 10 проценти, воведена е стапка од 18 отсто која се однесува само на даночна основа што надминува 1 милион и 80 илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. Доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки и добивки од игри на среќа, ќе се оданочува со примена на единствена даночна стапка од 15 отсто. Власта таа промена ја објасни како „поправедно решение“, а опозицијата како „катастрофално“. Премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања, и вчера потенцираше дека таа мерка ќе опфати само 1 процент од вработените, и дека ефектите од неа се насочени кон зголемувањето на социјалните трансфери. 

Повеќе:

-Прогресивниот данок и битката за социјална еднаквост

-Ќе заздрави ли економијата целосно во 2019?

„Гледам дека и за празниците темата беше 'Новата Година со зголемени даноци', а не е така. Со оваа промена, еден процент од вкупниот број вработени ќе овозможи 7-8 милиони евра плус само од данок од плати. Зборуваме за 9.000 граѓани. Останатиот дел ќе се остварува од данок на имот и од други мерки, како што е приход од изнајмување на дуќан и слично. По сите овие основи - приход од плата, и приход од рентање на имот и други основи, се остваруваат 25 милиони евра. Така што, пораката на солидарност е следна: 35 милиони евра ставивме на социјалната помош и нејзиното зголемување. Зошто? За да ги искористиме редистрибутивните механизми на државата и да го помогнеме тој дел од нашето население на кое најмногу му е потребна помош“, рече премиерот.

Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Со тоа, досегашната помош од 3.090 денари во просек за петчлено семејство, ќе стигне до 11.700.

„Со 3.000 денари не се гледа семејство. Со 11.700 сè уште не можеме да кажеме дека граѓаните ќе можат да гледаат семејство, но со активните мерки на вработувања и со можноста за вработување на приматели на социјална помош, веруваме дека ќе дадеме резултат кој што ќе значи и солидарност и праведност. Сите тие кои што ќе платат 8% за својот приход над 90.000 денари, треба да ја прифатат солидарноста во нашето општество, бидејќи со тоа се покажува дека сме нормална земја, каде што тие кои имаат повеќе - ќе платат повеќе“, рече Заев.

Опасност од даночна евазија

Опозицијата има други аргументи. Трајко Славески, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии, вчера повторно предупреди на негативните ефекти од прогресивното оданочување и зголемувањето на даночните стапки кај приходите и доходите од капитал како што се кирии, закупнини и хонорарна работа. Но, изрази и сомневање во посочениот даночен опфат на еден процент од граѓаните.

„Се уште не е јасно како може да се тврди дека станува за само еден процент засегнати граѓани со прогресивното оданочување, кога видовме дека сите комори што претставуваат стотици, илјадници претпријатија, во кои што работат десетици, стотици илјади вработени, беа против и укажуваа на негативните последици од оваа реформа“, рече Славески на прес-конференција.

Тој смета дека негативните последици веќе се на сцена, со извлекување на значителни парични средства од фирмите во последните два месеци од 2018 година.

„Со преселбата на наши професионалци на нивните сметки во соседните земји, и на нивните активности во соседните земји, со подготовките за даночна евазија, веќе сме сведоци и ги чувствуваме првите негативни последици од таканаречената даночна реформа со зголемување на даноците од страна на Владата на СДСМ и на ДУИ“, реагираше Славески.

Symbolbild Wirtschaftskriminalität
Фотографија: Imago/blickwinkel

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, преку компаративни примери објасни дека напуштањето на рамниот данок донел резултати во други држави, кои успеале и да фатат чекор со поразвиените земји, и да добијат поефикасни институции. Но, ги потенцираше и ефектите за пензискиот систем.

„Работата кај даноците е да ја подобрувате и ефикасноста на институциите и да го подобрувате оданочувањето. Заради тоа, почнувајќи од Чешка и Словачка, кои што први преминаа од рамен во прогресивен данок, како и во Албанија која премина во 2014 година, практично се слушаа истите овие стравувања. Но, се виде дека ефектите на економијата во Албанија беа позитивни. Зборуваме за праведно оданочување. Тоа, заедно со другите девет сериозни реформи, кои, или ја подобруваат ефикасноста на трошењето или решаваат некои болки како што е пензискиот систем, имаат цел да се обезбеди стабилност не само на сегашните исплати на пензии, туку и на сите кои во моментот работат. Значи, работиме на подобрување на системот. Земјите кои имаат подобар животен стандард, се тие што имаат прогресивни даночни системи“, уверува Тевдовски. За стравувањата дека ваквото даночно решение најмногу ќе го почувствуваат вработените во ИТ секторот, а кои поради нивната конкурентност на светскиот пазар на трудот први може да си заминат од земјата, премиерот уверува дека тоа нема да се случи. Според податоците што тој ги изнесе, во ИТ секторот просечната плата  е 59.000 денари, па дури и ако порасне за 50%, таа ќе дојде до границата од 90.000 денари, која не подлежи на повисоката стапка на оданочување. Тврди дека истото се однесува и за врвните специјалисти во јавното здравство.