1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Србија и се заканува внатрешен конфликт

Динко Грухоњиќ
21 септември 2019

Од една страна заглушувачката врева на „тоталната пропаганда“ на автократската власт. Од друга, опозиција која на парадоксален начин ја презема режимска конфликтна матрица. Дали Србија влегува во внатрешен конфликт?

https://p.dw.com/p/3Pidb
Serbien Kampagne von Präsident Aleksandar Vucic in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Внатрешниот општествен конфликт зависи од многу фактори, но основата е поставена и таа се забележува во комуникациската поделба на општеството“, вели за ДВ, комуникологот Јелена Клеут, професорка на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Според неа, од една страна е силната, планирана и строго контролирана „медиумска стратегија“ на владејачката партија. Таа се заснова на купување медиуми и „впумпување“ на државни пари во медиумите преку проектното суфинансирање на содржините и на други недозволени начини.
„Тие медиуми потоа стануваат дел од пропагандната машина која ја заплашува јавноста со војни, надворешни и внатрешни непријатели, а како единствено решение за тие лажни закани го нуди претседателот Вучиќ. Од друга страна, опозициската сфера во целост е фокусирана на Вучиќ и добивам впечаток дека и тука се јавува една тотализирачка идеја која денес би можела да се сублимира во синтагмата: „Кој не е за бојкот, тој е за Вучиќ“, наведува Јелена Клеут.
Таа и советува на опозицијата да најде начин да отвори комуникација со оние кои гласаат за власта, но и со оние кои воопшто не гласаат. „Денес има многу повеќе идеи за тоа што се треба да се бојкотира и блокира, од идеја за тоа со кои луѓе, пристап и теми да се привлечат незаинтересираните и апатични гласачи“, вели Клеут.
Директорот на новосадскиот Центар за регионализам Александар Попов за ДВ оценува дека во овој момент е тешко да се замисли дека актуелниот режим на демократски начин ќе ја напушти власта. Но додава дека проблемот е и во тоа што „имаме ваква опозиција“.
„Да е опозицијата посилна, можеби би имала сила и да ја урне на избори владејачката гарнитура. Вака, режимот допре до последните општествени пори, ги презеде дури и месните заедници. На разни начини ги тера гласачите да гласаат за нив, а од друга страна, воспостави речиси целосна медиумска контрола“, вели Попов. Тој објаснува дека во српското општество веќе неколку години траат спорадични конфликти кои се гледаат во организирањето, а потоа и во гаснењето на граѓанските протести како оние поради „Белград на вода“, поради смените во Радио-телевизија Војводина, локалните протести во Ниш, итн.
„Тие воглавно згаснаа бидејќи немаше јасно водство, ниту јасна програма. А опозицијата е толку шаренолика што секој гласач кој е граѓански ориентиран, а не националистички, фактички тешко може да поддржи таква опција каде имате претставници од крајната левица до крајна десница.“ Таквата состојба е опасна, објаснува Попов, бидејќи се зголемуваат меѓусебните противречности. Еден дел од луѓето се туркаат во апатија, додека општеството губи на супстанца, бидејќи младите, но не само тие, по секоја цена бегаат на Запад.

Aleksandar Popov
Александар ПоповФотографија: privat
Serbien Belgrad - Anti-Regierungsprotest: Protest All As One
Српската опозиција за време на протестите во Белград во април 2019Фотографија: DW/S. Kljajić
Jelena Kleut
Јелена КлеутФотографија: Vukasin Zivaljevic

Според новинарката Бранка Драговиќ Савиќ, Србија има партија на власт која е во конфликт со сите кои не се за неа, но е во конфликт и со законите, со институциите- поради што има потреба да гради свои паралелни структури, во кои се префрла економската и политичката моќ.
„Само е прашање на време кога ќе дојде до точката која може да го одведе ова општество во неконтролирано насилство. Имено, реториката на власта која се базира на навивачки и хулигански менталитет звучи како своевидна подготовка на општеството за отворени судири, бидејќи низ тие пораки кои се сведуваат на омаловажување, навреди и закани- всушност се промовира голо насилство“, предупредува Драговиќ-Савиќ. Од друга страна, вели таа, опозицијата е турната во слепа улица, бидејќи ниту има смисла учеството во фингирани демократски избори, ниту има смисла да се прифати политичко самоубиство.