1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Хрватите во Србија им се заканува асимилација

Динко Грухоњиќ/ Александра Трајковска27 февруари 2013

Претседателот на Србија Томислав Николиќ повеќе од пет месеци не одговара на барањето на претставниците на хрватската национална заедница да ги прими за да разговараат за проблемите кои ги мачат Хрватите во Србија.

https://p.dw.com/p/17ma7
Фотографија: DW

Иако претставниците на хрватската национална заедница во Србија уште кон средината на септември мината година упатија барање до претседателот на Србија Томислав Николиќ да ги прими за да разговараат за проблемите со кои тоа малцинство се соочува во Србија, до денес не добија никаков одговор на  барањето.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина Петар Кунтиќ за ДВ вели дека многу од тие проблеми лесно може да се решат, само е потребно да се покаже малку добра волја и да се наложи институтциите да ја завршат работата, која и инаку треба да ја сработат. Според негово мислење, очигледно е дека косовското прашање всушност е „прашање на сите прашања“ во Србија, поради што сите останати проблеми се во втор план. „За жал нема да можеме да чекаме уште долго за да почнат да се решаваат нашите проблеми, кои во последните неколку години, во времето на поранешната власт, почнаа добро да се решаваат, така што би требало да се продолжи по тој пат. За нас Хрватите ова прашање е најголемо и најзначајно. Ние не сакаме ништо повеќе или помалку отколку што имаат Унгарците, Словаците, Романците, Русите... Но, тие права секојдневно ни се скратуваат“, вели Кунтиќ.

Logo Vojvodina kroatische Union der Kroaten DSHV
Логото на Демократскиот сојуз на Хрватите во ВојводинаФотографија: DSHV

На Хрватите им се заканува асимилација

Според зборовите на Кунтиќ, не е добро ни тоа што не се среќаваат ниту претседателите Николиќ и Јосиповиќ, бидејќи добрите односи на највисоко ниво позитивно би се одразиле и врз положбата на Хрватите во Србија. „Но тоа не е единствениот проблем. На пример, се’уште не е одржана средба на меѓувладината мешовита комисија, која го следи спроведувањето на договорот за српското малцинство во Хрватска и хрватското малцинство во Србија. Се’ уште не е основан ниту собраниски одбор за пријателство со хрватскиот Сабор. Значи на ниту едно ниво, освен посетата на премиерот Милановиќ на премиерот Дачиќ, не се воспоставени контакти, што не е добро, оти немаме само ние овде проблеми, туку проблеми имаат и Србите во Хрватска. А такви проблеми можат да се решат само со договори и разговори, со меѓусебно почитување и соработка, работи што ги нема по доаѓањето на новата власт“, наведува Кунтиќ.

Die Staatschefs Serbiens und Kroatiens Boris Tadic und Ivo Josipovic in Subotica Flash-Galerie
Бившиот српски претседател Тадиќ со претседателот на Хрватска Јосиповиќ во Суботица во 2010 годинаФотографија: Dinko Gruhonjic

Како посебен проблем Кунтиќ истакнува дека веќе десет години постои настава на хрватски јазик, но за неа веќе десет години нема учебници. „Поради сето тоа, асимилацијата тропа на секоја хрватска врата и се прашувам што ќе се случи ако во наредните неколку години не се воспостават малцински национални институции, за кого тоа воопшто ќе биде потребно, се има ли предвид дека нашиот број и на последниот попис значително се смалува во однос на останатите малцинства во Србија?“, прашува Кунтиќ.

Деца без учебници

Претседателот на Хрватскиот национален совет Славен Бачиќ за ДВ исто така го истакнува проблемот со учебниците на прв план. „Единаесетта година во наставата на хрватски јазик, а дури оваа година во Србија е отпечатен учебник за хрватски како мајчин јазик, од прво до осмо одделение основно училиште. Но, иако постои проект за бесплатни учебници за учениците до четврто одделение основно училиште, Министерството за образование не ни ги рефундираше печатените учебници, иако ги печатевме со сопствени средства. И покрај нашите дописи, досега од министерството не добивме ниту одговор. Значи децата кои имаат настава на српски имаат бесплатни учебници, а оние кои имаат настава на хрватски немаат. Едноставно, немаме соговорници на другата страна. Повеќе би рекол дека имаме луѓе кои вршат опструкција,“ наведува Бачиќ.

Slaven Bacic
Славен БачиќФотографија: DW

Иван Стипиќ, директор на Основното училиште „Иван Милутиновиќ“ од Суботица вели дека проблемот со учебниците пред се’ ги погаѓа децата. „Се разбира училишните планови и  програми на Србија и Хрватска сега многу се разликуваат, така што учебниците од Хрватска прилично тешко можат да се користат овде, бидејќи не ја задоволуваат овдешната програма. Тука значи се создаваат одредени празнини. На пример, за учебник по биологија за петто одделение основно училиште се потребни практично учебници за петто, шесто и седмо одделение од Хрватска, бидејќи поединечни сегменти од тие учебинци го сочинуваат учебникот за петто одделение од Србија. Ова трае десет години, така што ме чуди што уште не е решено. Наставниците максимално им помагаат на учениците, така што тие на крајот не заостануваат во ништо. Но секако бара дополнителен ангажман на наставниците“, вели Стипиќ за Дојче веле.

Преполовен бројот на Хрватите

Во Хрватскиот национален совет уште велат дека проблем претставува и фактот што оваа година се намалени средствата во буџетот наменети за делување на националните совети, што создава проблем во остварувањето на правата во области на образованието, културата, медиумите и употребата на јазикот и писмото. Исто така се стравува дека Уставниот суд на Србија ќе оспори одредени надлежност на малцинските национални совети, со што ќе биде смалена малцинската автономија, истакнуваат во Хрватскиот национален совет.

Во кабинетот на претседателот на Србија и на Министерството за образование засега нема реакција на овие наводи на претставниците на хрватската национална заедница, како и во Канцеларијата за човекови и малцински права во Белград, чиј шеф Душан Игњатовиќ во понеделникот (25.02) поднесе оставка од, како што беше соопштено, лични причини.

Според последниот попис на населението, во Србија денеска живеат околу 57.000 Хрвати, што е двојно помалку од пред 20 години.