1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не)возможна мисија

Агенции, ДВ (емф)5 јануари 2009

Египет е местото каде што се вкрстуваат меѓународните напори за посредништво во блискоисточниот конфликт. Делегација на ЕУ, францускиот претседател Саркози и претставници на Хамас - во обид за смирување на конфликтот.

https://p.dw.com/p/GSLn
Европските посредници во ЕгипетФотографија: AP

Делегацијата на ЕУ уште на почетокот на својата посредничка мисија се изјасни за запирање на борбените дејства. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, по средбата на ЕУ-делегацијата со египетскиот претседател Хосни Мубарак, во Шарм-ел-Шеик, изјави дека најважно во моментов е постигнување примирје: „Многу сакаме да биде постигнат прекин на огнот, колку побргу толку подобро. Ќе продолжиме да работиме во таа насока. Притоа, соработката со Египет ќе има фундаментално значење.“

Египетската агенција МЕНА јави дека ЕУ е подготвена и да им помогне на Палестинците кои страдаат, со тоа што би испратила повторно набљудувачи на границата меѓу појасот Газа и Египет. Во моментов, Египет ја држи границата затворена и пропушта да минуваат само повредени лица и хуманитарна помош, со образложение, меѓу другото, дека се повлечени набљудувачите на ЕУ. Делегацијата на ЕУ, во која се и францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, еврокомесарката за надворешни работи, Бенита Фереро Валднер и шведскиот и чешкиот министер за надворешни работи, Карл Билт и Карел Шварценбергер, ќе ги посети и Ерусалим, Рамала и Аман.

„Спиди Сарко“ сам во мисија

Nicolas Sarkozy und Tzipi Livni
Францускиот претседател Никола Саркози и израелската министерка за надворешни работи Ципи ЛивниФотографија: AP

И францускиот претседател Никола Саркози се обидува да посредува во регионот. Тој тврди дека Франција е поврзана со земјите во регионот со пријателство и доверба. На критиките на дел од партнерите во ЕУ што презема чекори сам во обид да посредува во конфликтот, Саркози одговара со прашање: „Кој може да ме обвини за тоа што се обидувам да ставам крај на толку многу страдање?“

Во меѓувреме, израелската армија ја продолжува копнената офанзива во појасот Газа. Од канцеларијата на израелскиот премиер, Ехуд Олмерт, стигна соопштение дека Олмерт во разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел и со други шефови на влади, отфрлил ставање крај на воените операции, кои според него се „неизбежни“. Претседателот на Израел, Шимон Перес, во изјава за американската телевизија Еј-Би-Си јасно го соопшти израелскиот став: „Нема да прифатиме Хамас и натаму да гаѓа, а ние да објавиме примирје. Тоа нема смисла.“

Стотици жртви, илјадници бегалци

Хуманитарната организација на ОН, УНВРА, соопшти дека 20 проценти од жртвите во текот на воените операции, чиј број, инаку, изнесува околу 500, се жени и деца. Околу 13 илјади Палестинци се без покрив над главата или се во бегство. Меѓународниот Црвен крст соопшти дека е вознемирен поради растечкиот број на цивилни жртви. Во појасот Газа речиси и нема електрична енергија, а болниците се снабдуваат со електрична струја од генератори, кои се на работ да престанат да работат.