1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Недостасува крик против антисемитизам“

Ларс Шолтисик | Тим Шауенберг
31 јануари 2019

Антисемитизмот се искажува сѐ поотворено, а многу Евреи размислуваат да ја напуштат Германија. Поранешната претседателка на Централниот совет на Евреите, Шарлоте Кноблох бара да се заземе јасен став против.

https://p.dw.com/p/3CVkg
Brüssel, EU Parlament, Charlotte Knobloch, ehemalige Präsidentin des Zentralrats der Juden
Фотографија: DW/T. Schauenberg

ДВ: Госпоѓо Кноблох, се обративте пред Европскиот парламент по повод Денот на холокаустот и употребивте јасни зборови против антисемитизмот. Каква е ситуацијата на таа тема денес во Европа?

Шарлоте Кноблох: Денес се соочуваме со многу отворен антисемитизам. Не само во Германија, туку речиси и во сите европски змеји и тоа мора јасно да биде кажано. Токму тоа се обидов да го потенцирам во краткото време што ми беше дадено. Доживуваме антисемитизам поради кој луѓето размислуваат, и ова може да го кажам за Германија, дали да ја напуштат земјата и дали и натаму може да се чувствуваат безбедни во неа. Таквите прашања стигнуваат и до мене. Тоа е ситуација која секако не ја посакувам и за која не верував дека кога било повторно би можела овде да ја доживеам.

Каква улога игра холокаустот во свеста на Европејците, особено на помладите генерации?

Можам да зборувам само за оние млади луѓе со кои јас контактирам. Тие имаат голем интерес да откријат какво било минатото на нивната земја и за разлика од порано, кога децата се чуствуваа исто така виновни, што беше грешка на самата настава, многу млади луѓе денес едноставно се само заинтересирани. Вината не се наследува. Можеби и порано повеќе луѓе ќе се интересирале за историјата да била предавана на правилен начин.

Во Европскиот парламент има и претставници на АфД и на Националниот фронт, кои знаат да играат со антисемитизмот и да провоцираат. Каква порака имате за нив?

Таквиот антисемитизам, нас, Евреите во Европа, многу нѐ оптоварува, не само во Германија, туку и во другите земји. За да живееш како Евреин во денешно време ти е потребна полициска заштита. Човек мора убаво да размисли на кој начин растат нашите деца. Тоа можам да го кажам за нашиот дел, бидејќи има деца кои секојдневно одат во училиште или градинка, или други образовни установи под полициска заштита. Тоа за нас е големо оптоварување бидејќи Евреите и нас нѐ прашуваат колку може да имаат иднина во Германија. Така е и во другите европски земји.

Што барате од политиката за тоа да се смени? Дали мора повеќе да се работи на антидискриминација?

Не ѝ префрлам само на политиката, туку и на црквите, синдикатите и на разни други фондации, коишто држат говори, ама никако да го погодат гласот на народот. Ми фали голем крик, се чуствуваме препуштени сами на себе. Луѓето што размислуваат да ја напуштат Германија не чуствуваат емпатија за себе и тоа е голема тема којашто треба да се промени. Не е доволно само да се зборува.

Што конкретно сакате? Крик, дали тоа би било доволно? Дали тоа би допрело до луѓето на улиците кои имаат антисемитски став?

Наесен во источниот дел на земјата имаме важни избори, и доколку гласачите не можат да препознаат дека евентуално ќе направат погрешен избор, треба претходно да бидат информирани и подучени. Тоа за мене е крикот што го барам.

Дали за тоа се потребни повеќе понуди за едукација?

Сѐ е потребно! За мене е најважно да се разговара со луѓето. За тоа ги имате црквите, синдикатите и разни други групации кои се во состојба да пристапат до нив, но тие тоа не го прават и тоа е тоа што ми недостасува.

Шарлоте Кноблох од 2006 до 2010 беше претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, а десет години претходно негов потпретседател. Освен тоа била потпреседател на Светскиот и на Европскиот Конгрес на Евреите.