1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостигот од стручњаци во Германија станува се‘ поголем

Сабине Кинкарц / Елизабета Милошевска Фиданоска5 јуни 2012

Германската канцеларка Меркел денеска во Берлин разговора со претставници на големите стопански здруженија и на синдикатите. Владата треба да претстави офанзива за привлекување стручњаци од странство.

https://p.dw.com/p/157yY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Додека бројот на невработени во земјата се намалува, расте бројот на работни места кои остануваат непополнети. Во мај годинава бројот на такви места изнесуваше речиси половина милион, или 29 илјади повеќе отколку во истиот месец лани. Особено се барани стручњаци во сферата на мехатрониката, електроиндустријата, металната индустрија, машинството и автомобилската индустрија, во логистиката, здравството и трговијата. Стручњаци се бараат и во ИТ-сферата. Бернард Роледер, раководител на здружението за висока технологија Битком зборува за 38.000 места кои не можат да се пополнат:

„Во нашата бранша правиме 1,5 милијарди евра помалку обрт само поради тоа што недостигаат луѓе со кои овој обрт може да се реализира. Недостигот од стручњаци во претпријатијата е значителен, зашто кој ќе ги поттикнува иновациите ако не луѓето, иновативните глави?“

Менување на системот

Роледер наведува три столба врз кои мора да почива обезбедувањето стручњаци - оптимирање на германскиот образовен систем, мобилизација на жените кои во моментов не се вработени и постарите лица, како и модернизација на политиката на доселување. Но работната миграција се чини е тешка дури и во рамки на ЕУ. Многу луѓе во Европа поради кризата бараат работа, но сепак Грците, Шпанците и Португалците и натаму колебливо доаѓаат во Германија. Тоа го потврдува и Хајнрих Алт од раководството на Сојузната агенција за труд:

„Да, во рамките на Европа има голема внатрешна миграција. Оваа година очекуваме салдото на овие лица да изнесува околу 150.000. Фирмите во моментов целно бараат луѓе во странство, но само за мал број работни места и тоа во професии каде недостигот е најголем, на пример инженери или луѓе за таканарачените МИНТ-професии.“

Во Германија по казна!

МИНТ е кратенка за математика, информатика, природни науки и техника. Доселувањето на луѓе од држави кои не се членки на ЕУ во Германија е на ниско ниво. Со воведувањето на таканаречаната сина карта за висококвалификувана работна сила инженерите, или луѓе од други професии за кои има недостиг, се добредојдени во Германија, доколку имаат плата од најмалку 35.000 евра годишно. Тоа според Роледер не е доволно:

Symbolbild Fachkräftemangel in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Едно од моите највпечатливи доживувања беше едно патување во Индија, каде разговарав со индиски информатичар кој требаше да дојде во Германија и ме праша што згрешил за да мора да доаѓа во Германија. За него Германија беше земја во која има јагоди, тоа беше негова единствена асоцијација. Можеби знае и по некој фудбалер или германска автомобилска марка, но да се дојде во Германија како индиски надарен информатичар, тоа е казнена експедиција. Тоа не е земја од соништата.“

Статистиките го потврдуваат ставот на Роледер. Во 2011 година во земјата дошле 1221 лекар од држави кои не се членки на ЕУ, или околу триста повеќе во споредба со 2010 година. Кај инженерите бројот се зголемил од 300 на 1191. Се‘ додека Германија е неатрактивна за надарените странци, тука ништо нема да се промени. Опозицијата во Берлин пак, смета дека доселувањето е второстепено во борбата против недостигот на стручњаци. Прво мора да се искористи потенцијалот во земјата. Секоја година, вели вицешефот на пратеничката група на СПД Хубертус Хајл, 65.000 млади го напуштаат училиштето без диплома. Освен тоа, во Германија има премногу луѓе кои се отпишани поради тоа што предолго време се без работа или луѓе кои работат во лоши услови.