1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволство и покрај победата

30 март 2009

Владеачката Партија на правда и напредок (АКП) на премиерот Реџеп Таип Ердоан освои најмногу гласови на локалните избори во Турција, што се одржаа вчера (29.03.2009).

https://p.dw.com/p/HMVG
Изборно ливче во ТурцијаФотографија: AP

Со 39 проценти гласови „Партијата на правда и напредок“ е прва во градските собранија и го освои најголемиот дел гласови во општините во Анадолија и големите градови, како што се Истанбул и Анкара.

На второ место, со 23 проценти гласови е секуларната Републиканска народна партија (ЏХП) на Дениз Бајкал, на која од големите градови и‘ припадна Измир, егејското крајбрежје и цела источна Тракија, додека на трето место е Партијата на националистичкото движење (МХП) на Девлет Бахчели, со 16 проценти освоени гласови. Од другите партии, забележителен успех оствари и прокурдската Партија на демократското општество (ДТП) која на југоистокот на Турција ги освои градовите и општините чие мнозинско население го сочинуваат етничките Курди.

Ердоган не е задоволен

Иако партијата на премиерот Ердоган и овојпат освои најмногу гласови, таа забележа назадување за повеќе од два процента во однос на локалните избори од 2004-та година и дури 7,5% помалку споредено со резултатите од последните парламентарни избори. Самиот премиер Ердоан, во првото синоќешно обраќање по изборите, изјави дека од аспект на неговата партија не е задоволен од резултатите на локалните избори и најави преземање мерки кои од одделни коментатори беа протолкувани како најава на кадровска ревизија во партиското раководство.

Tayyip Erdogan rechts Wahlen Türkei
Реџеп Таип Ердоган им се обраќа на приврзаниците по гласањетоФотографија: AP

“Не сум задоволен со резултатот. Загубивме 1 – 2 поена. Со другарите во партијата ќе седнеме и ќе разгледаме каде се недостатоците и ќе ги елиминираме“, изјави Ердоан.

Неделните локални избори во Турција делумно беа во сенка на крвавите инциденти што се случија на југоистокот на земјата, во општините каде што претежно живее курдско население и каде што во меѓусебните пресметки на ривалските групи околу кандидатите, животот го загубија 7 лица, а 97 се ранети.

Автор: Исмет Кочан

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска