1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесност околу вкрстената проверка на Избирачкиот список

Катерина Блажевска8 февруари 2016

Не се добиени сите бази на податоци, а тие што се добиени се во различни програми. За да почне вкрстената проверка, ќе мора прво да се унифицираат, велат ИТ-експерти.

https://p.dw.com/p/1HrLP
Фотографија: Petr Stojanovski

Неизвесно е дали од денеска Државната изборна комисија (ДИК) ќе ја почне постапката за вкрстена проверка на Избирачкиот список, како што неофицијално се најавуваше, бидејќи сѐ уште не се исполнети сите неопходни услови. Според ИТ - експерти упатени во процесот, засега има неколку причини за тоа.

„Сѐ уште не се добиени базите на податоци од сите десет државни органи, со кои ДИК потпиша или ќе потпише меморандум за соработка. Не е стигнат серверот, кој е донација од ИФЕС. Не е избрана ИТ - компанија што ќе ја врши вкрстената проверка на списокот. Од друга страна, неколкуте досега добиени бази на податоци се во различни програми, а за да може да почне вкрстената проверка тие прво ќе мора да се унифицираат“, објаснуваат ИТ- експерти.

Базата на лични податоци на избирачите со кои располага МВР, а која минатата недела и беше доставена на ДИК, ќе биде референтна при вкрстеното споредување со базите на податоци од другите десет институции. Но и во МВР ќе се прави постапка за проверка на биометриските податоци од фотографиите на гласачите. Ќе се проверува дали некое лице има повеќе лични карти, односно повеќе идентитети, со што се очекува базата на податоци да биде прочистена од ваквите случаи.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, најави дека ДИК прави сè да се дојде до Избирачки список во кој сите ќе веруваат и во кој нема да има погрешни податоци. Според него, патот до таков список предвидува неколку фази.

„Првата фаза се вкрстени проверки и статистички анализи на Избирачкиот список, со бази на податоци на десет државни органи. Во втората фаза ќе почнат теренски проверки за утврдување на фактичката состојба во однос на спорните записи кои ќе се утврдат со вкрстените проверки. Во третата фаза следуваат управни постапки за поништување на правните акти врз основа на кои се извршени спорните записи во Избирачкиот список. Четврта ќе биде фазата на постапки за бришење и дополнување на Избирачкиот список, кои ќе ги води ДИК. Во петтата, последна фаза, ќе бидат постапките за издвојување на одредени категории граѓани, за кои ќе се утврди спорност во однос на одреден запис во Избирачкиот список, заради намалување на можноста за злоупотреба на нивниот идентитет“, најави претседателот на ДИК.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
Ќе почне ли ДИК со постапката за вкрстена проверка на Избирачкиот список?Фотографија: Agentur MIA

Првата фаза-главен индикатор

Првата фаза на постапката се смета за најважна, бидејќи резултатите што ќе произлезат од вкрстувањето на податоците, ќе бидат главен индикатор колку спорни записи има, односно колкав би бил обемот на теренска проверка потоа и колку таа може да трае. Амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав минатата недела ја посетиле ДИК и се интересирале до каде се подготовките и колку време ќе треба да заврши целиот процес. Според ИТ - експерти, тешко е да се прогнозира дали ќе може да се добие прочистен Избирачки список до 5 март, датумот до кој би требало списокот да се стави на увид на јавноста, доколку изборите се одржат на 24 април.

„На прв поглед изгледа дека процесот на вкрстување податоци може да се спроведе брзо, но за тој успешно да започне потребни се многу неопходни технички подготовки, а сите бараат одреден квантум на време. Ако првата фаза не е започната, а има уште четири, засега никој не може да гарантира дали се ќе може да се заврши да заврши до 5 март. Но, појасно ќе се знае по вкрстувањето на податоците“, вели соговорникот.

За да се избегне субјективноста, три ИТ-тимови што ќе бидат избрани од ДИК, ќе работат на иста проектна задача: анализа на исти бази на податоци. Нивните аналитичари треба да имаат петгодишно искуство во пребарување, споредување и заштита на лични и доверливи податоци. Ќе ги добијат истите информации од Избирачкиот список и од базите на другите институции, а потоа ќе ги обработуваат независно еден од друг, за да се добијат што е можно пообјективни и три пати проверени резултати и статистички анализи. Теренската проверка, пак ќе ја реализираат тимови кои пред неколку години Заводот за статистика ги обучуваше за попишувачи, а четирите партии треба да овластат лица што ќе бидат набљудувачи на теренските проверки.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Ахмети: Не сакаме избори без стандардиФотографија: DW/P. Stojanovski

Многу предизвици за Македонија

Во ДИК досега се подготвени интерни процедури за заштита на личните податоци кои ќе бидат предмет на проверка, а во просториите има вграден систем за информациска безбедност, видеонадзор и блокатор на радиофреквенции. Откако ќе почне вкрстената проверка и ќе се утврди колкав обем останува за теренска проверка, од ДИК ќе можат да дадат реална проценка дали изборите можат да се одржат на 24-ти април. Дали се исполнети условите за одржување на фер изборен процес, најдоцна до 20 февруари треба да оценат и гарантите на Договорот од Пржино, врз основа на евалуацијата што ќе што ќе ја направат странски и домашни експерти.

Во владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се уверени дека прочистувањето на Избирачкиот список може да заврши ефикасно и навреме, за изборите да се одржат во договорениот термин. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, смета дека нема потреба од одложување на изборите, но ако треба да има нов датум, тогаш мора повторно да се седне на маса и да се постигне нов договор.

„За да се направат измени, треба повторно да седнат истите тие политички сили кои ги имаат легитимитетот и легалноста, за да го сменат она на што ставиле печат на 15 јули. Инаку ќе станеме како разгалени деца од градинка, на кого како ќе му текне“, рече Ахмети.

Според лидерот на ДУИ, изборите треба да се одржат во април бидејќи Македонија се соочува и со други предизвици, како што е бегалската криза, но и самитите на ЕУ и на НАТО.

„Во јуни е самитот на Европската Унија, кога се врши проверка на напредокот, а знаеме дека треба да ги исполниме условите што тие ги бараа од нас. Во јули е и самитот на НАТО. Има најави дека ќе има бранови на бегалци. Ние не сакаме избори без стандарди. Треба еден по еден да се исполнат стандардите. Ние сакаме избори кои ќе бидат прифатливи за сите партии. Сакаме избори кои нема да бидат оспорени од ниеден набљудувач, било домашен или меѓународен“, рече Ахмети.