1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нелегални туристички водичи

5 мај 2009

Нелегални туристички водичи од Бугарија, Србија, Албанија и Грција се‘ почесто, среде Македонија, го негираат нејзиниот идентитет, јазик и култура. Домашните водичи бараат заштита и воведување туристичка полиција.

https://p.dw.com/p/HiwS
Црквата Свети НаумФотографија: AP

„Свети Климент бил Бугарин“ , може да се слушне од страна на некои бугарски туристички водичи во Охрид. Истото се тврди и за Цар Самоил и неговото царство. Најголем дел од охридските цркви се грчки, велат, пак, грчки водичи. И туристички водичи Албанци и Срби на свој начин „буричкаат“ по македонското минато и територија. Нелегални туристички водичи непречено ги негираат минатото и културното богатство на Охрид и Македонија. Професор доктор Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство, каде се образуваат туристичи водичи, вели дека состојбата е загрижувачка и е едноставно за неверување: „Ова го нема никаде во светот - да може некој во вашата земја да зборува за културноисториските споменици, за историското наследство, дури и за природните карактеристики. Едноставно нема контрола врз водичите.“

Во борбата за профит, факти искривуваат и македонски водичи

Слично размислува и Стефан Каневче, претседател на Здружението на туристички водичи од Охрид: „Водич не смее да води туристи во туѓа земја, освен во автобус. Закон постои и во Македонија одамна , како и во секоја држава, ама тешко се спроведува. Дивите водичи најмногу ги има во текот на празниците и викендите, а тогаш, за жал, инспекцијата не работи .“

Здружението е формирано пред околу пет години и во него членуваат 60 водичи. Но, проблемот не е само кај странските водичи. И македонските, во борбата за профит, ги кршат не само правилата туку ги искривуваат и фактите, вели Каневче: „Некои македонски водичи им се додворуваат на странците и на нивните водичи. Ние се бориме и против нив. Се додворуваат за пак да бидат повикани да водат нова група. Тие се додворуваат и ги искривуваат фактите. Инспекторите ќе треба да делуваат и на тој план. Треба да ги слушаат, да ги снимат што зборуваат, за потоа да се казнат и да им се одземе лиценцата.“

Touristen reisen aus Ägypten aus nach den Terroranschlägen in Scharm el Scheich
Закон за водење туристи има и во Македонија, но...Фотографија: dpa

Закон постои, но не се применува доследно

Во Охрид има само еден инспектор по туризам. Тој може да пишува само мандатна казна од 100 евра и глоба од 700 евра, додава претседателот на Здружението на туристички водичи, Стефан Каневче: „Кога се оди во Курбиново или Свети Јован Бигорски, одат со свои водичи. Сега засега, странците земаат наши водичи само за разгледување на стариот дел на Охрид, додека и за Свети Наум и за Струга веќе никој не зема.“

На единствeниот инспектор по туризам, Ѓорѓи Сошански, деновиве, ќе му се придружат уште двајца. Тој од своето искуство за да се ублажи овој проблем предлага: „Или да се формира туристичка полиција, којашто ќе има право да приведува како во другите земји на Запад, или проблемот да се реши уште на граница при влегувањето на тој туристички водич или придружник.“

Ни‘ ја крадат историјата, но и сегашноста, велат водичите додавајќи „сега нашите странски колеги со нестручност ни‘ го собираат и профитот, а ние и натаму ги гледаме немоќни и чекаме државата да изнајде механизам за да се стави крај на ваквата состојба“.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска