1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема волшебна формула за подобра Македонија

17 октомври 2010

Интервју со македонскиот писател Гоце Смилевски годинешен освојувач на наградата за литература на Европската унија за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“.

https://p.dw.com/p/PfhM
Гоце СмилевскиФотографија: Petr Stojanovski

Гоце Смилевски е еден од најдобрите македонски писатели од новата генерација. Потврда за тоа е и наградата за литература на Европската унија за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Наградата ја доделува Европската комисија во соработка со Европската федерација на издавачи. Високото признание на македонскиот автор ќе му биде врачено на 18 ноември во Кралскиот фламански театар во Брисел. Смилевски е познат и по делото „Разговор со Спиноза“. Во разговорот за Дојче веле зборува за молкот на интелектуалците, за македонската реалност, за разликите на македонските и европските вредности.

ДВ: Господине Смилевски што претставува за Вас наградата на Европската комисија?

Гоце Смилевски: „Наградата ми значи она што и значи и на Комисијата на Европската унија. Наградата е востановена за поддршка и промоција на европската литература. Во последниве 10 е забележена тенденција за намален интерес за европската литература во Европа. Во подем е читаноста на американската литература. Идејата на Европската комисија е да се сврти вниманието на читателите на европските автори. За мене тоа би значело исклучителна можност моите книги, не само ’Сестрата на Зигмунд Фројд’ да дојдат до потенцијалните читатели во Европа“.

ДВ: За да се скриеш од лудилото седиш и црташ, напишавте во „Разговор со Спиноза“. Дали Гоце Смилевски пишува за да се скрие од македонското лудило?

Смилевски: „На некој начин уметноста е бегство од стварноста, но од друга страна и проникнување во стварноста. Сеедно дали еден уметник работи на нешто што се случува во сегашноста или во минатотот. Така што би можеле да кажеме дека е тоа бегство од некаквко колективно или индивидуално лудило или пак промислување на истото“.

Mazedonischer Schriftsteller Goce Smilevski
Фотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Ако е промислување на македонското лудило, како би го опишале со неколку збора?

Смилевски: „Би рекол дека станува збор за бегство од индивидуалното лудило, но ова се однесува на извадок од ’Разговорот со Спиноза’“.

ДВ: Зошто интелектуалците од новата генерација во Македонија молчат? Се плашат да зборуваат, да критикуваат, да понудат идеја како земјата да стане поубаво место за живеење.

Смилевски: „Па јас немам волшебна формула како Македонија да стане подобро место за живеење. Можеби младите интелектуалци молчат бидејќи се свесни дека постои толкава хипертрофија на јавни произнесувања што дури и да има таква волшебна формула која би можела да реши се’ таа би поминала буквално нечуено“.

ДВ: Колку е Македонија различна од онаа Европа која добро ја познавате?

Смилевски: „Македонија е различна од Европа која ја познавам онолку колку што Европа е различна самата во себе. Не постои една единствена Европа. Самата Европа е полна со различности и противречности. Во тие различности и противречности се наоѓа Балканот и Македонија со своите противречности“.

Mazedonien Buchhandlung in Skopje Bücher
Фотографија: DW

ДВ: Сакате да ги гледате македонските граѓани како сонуваат или можете да го видите нивното јаве? Каква е македонската стварност?

Смилевски: „Јас гледам само фрагменти од македонската реалност, така што неможам да дадам конкретна слика. За жал живееме во време кога сликата што ја добиваме е креирана од медиумите, многу помалку ние самите се решаваме да погледнеме што се случува“.

ДВ: Зарем се ова што го кажавте не е доволна провокација, неможете ли да најдете инспирација за ново дело во македонската реалност?

Смилевски: „Можеби работам на такво дело во моментов“.

ДВ: Работите ли?

Смилевски: „Да“

ДВ: Ќе откриете ли нешто повеќе за какво дело станува збор и кога ќе биде готово?

Смилевски: „Кога ќе биде готово е тешко да се одговори. Делото само по себе е надвор од силите на авторот. Се раѓа и тргнува по свои патишта. Во него се зборува за нашето современо доба“.

ДВ: Може ли во Македонија да се живее од пишување?

Смилевски: „Не“

ДВ: Од што живеете?

Смилевски: „Работам во Институтот за литература и тоа е мојот начин на заработувачка“.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Александра Трајковска