1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нема враќање назад„

15 октомври 2007

Со вообичаените церемонии, денеска во Пекинг започна 17-иот конгрес на Комунистичката партија на Кина. И вообичаено, го отвори претседателот на државата и партијата Ху Џинтао.

https://p.dw.com/p/Br21
Пекинг украсен со црвени знамиња по повод 17-иот конгрес на КПФотографија: AP

Под големиот амблем на српот и чеканот,пред 2 илјади делегати, извештајот на Ху за изминатиот период започна со констатацијата:

„Убедливо покажавме дека реформите и отворањето се решавачкиот избор за судбината на денешна Кина. Тоа е единствениот пат за развовјот на социјализмот со кинески белег. Само социјализмот може да ја спаси Кина, само со реформи и отворање можат да се развијат Кина, социјализмот и марксизмот„.

Нема враќање, рече Ху. Неговите зборови очигледно беа насочени кон внатрешните критичари на партијата, кои уште пред конгресот со писмо предупредија на опасностите од капитализмот. Писмото објавено преку интернет, во меѓувреме е забрането од властите.

Истовремено, Ху се заложи за урамнотежен економскиот развој:

„Со поглед кон ресурсите и околината, цената на економскиот пораст беше превисока. И развојот на градовите и внатрешноста се уште не е урамнотежен„.

Тој најави засилени напори за заштита на човековата околина, но истовремено укажа дека економскиот развој и натаму ќе се наоѓа во фокусот. До 2020 година треба да се постигне целта за скромен стандард за сите, истакна Ху.

Посматрачите велат дека говорот содржи малку новости. Меѓутоа, на овој конгрес на кој Ху по втор и последен пат треба да биде избран за шеф на партијата, тој веќе сега сака да си подигне споменик. Неговите идеи за хармонично општество и научно конципиран развој треба да бидат вклучени во партискиот устав. За делегатите како Динг Јитао од провинцијата Јиангсу кој е 30 години член на партијата, тоа е најважното:

„Мораме да го дополниме партискиот устав зашто мораме да одиме со времето и да слушнеме што им лежи на душа на луѓето. Тоа се секојдневните грижи важни за секој живот. Затоа имаме повеќе делегати од базата што ќе зборуваат за тие теми„.

Истовремено, на конгресот ќе треба да бидат поставени основите за наредната лидерска генерација која по пет години ќе го преземе водството. Демократски реформи според западна мостра не можат да се очекуваат. Веќе пред конгресот еден претставник изјави дека политичкиот систем на запад никогаш нема да се копира.